Солидни резултати и висока профитабилност постигна Стопанска банка Скопје во периодот од јануари до септември: добивка од 45,35 милиони евра, нето-приходи од камати – 75,5 милиони евра… Располага со депозити од 1,67 милијарди евра, а 1,54 милијарди евра се пласирани како кредитна поддршка на стопанството и на граѓаните. За една година активата е зголемена за четири проценти.
КАКО СТОПАНСКА БАНКА НАБИЛДА ПРОФИТ ОД 45 МИЛИОНИ ЕВРА за само девет месеци?
По сите овие високи достигнувања, какви се идните планови?
Очекувањата за економската активност во претстојниот период се во значителна мера обележани од политичката стабилност, глобалните економски трендови и домашните реформски напори, посочуваат од Банката. Економските фундаменти се движат во позитивна насока, со намалување на инфлацијата, невработеноста, зголемување на стапката на раст на бруто-домашниот производ, кои ветуваат позитивен амбиент за економските субјекти. Во иста насока е и проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд, кој предвидува закрепнување на домашната економија и зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како и постепено намалување на инфлацијата. Девизните резерви се одржуваат на солидно ниво, со обезбедување на 4-6 месеци покриеност на увозот. Банкарскиот сектор е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски ниско ниво.
Во следниот период Стопанска банка Скопје ќе продолжи со извршување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план и со целосна ориентираност кон поддршката на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување висока стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, продолжува и реализацијата на започнатите проекти, пред сè во делот на дигитализацијата и трансформацијата за подобра услуга кон клиентите, поефикасно интерно работење и оптимизација на процесите, понуда на нови услуги и зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Во преден план останува редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.
Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето, при што се најавува дека целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на клиентите и соработниците, но и на пошироката заедница.
Стопанска банка е позната по поддршката што ја дава низ многу проекти и настани во општеството, здравството, социјалната и животната средина, па се нагласува дека не само што ќе продолжат во таа насока, туку и ќе се интензивираат активностите за подобрување на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.