Со 1,7 милиони евра вложени во акции на ЗК „Пелагонија“, Камчеви, односно Орка Холдинг стана најголемиот акционер на битолскиот комбинат, неофицијално дознава порталот Пари. Сега во сопственост имаат 22,69 проценти од основната главнина.
Во зоната на неофицијалните информации е и тоа дека се работи за стекнување доминантна позиција. Идната недела би требало да се случи и преземање на 51 отсто, за што наводно веќе се чека дозвола од Комисијата за хартии од вредност.
Официјалните податоци, пак, ги има на Македонска берза. Реализирана е блок-трансакција, преку која се купени 46.046 акции. Купувачот платил 2.319 денари за акција, односно 106.780.674 денари за целиот пакет. Номиналната вредност е 70,21 евро. Според вчерашната дневна берзанска листа, просечната цена е 3.600 денари, но со таа акција немало тргување на официјалниот пазар.
Компанијата која делува во доменот на агробизнисот е една од најзначајните во Пелагонискиот регион. Постигнува солидни резултати, а лани успеа да ја зголеми добивката за извонредни 1.197,86 проценти.