Во близина на Берлин во јануари годинава падна метеорит, а научниците кои го анализирале, утврдиле дека е стар околу 4,5 милијарди години и ѝ припаѓа на ретката класа која го содржи минералот аубрит. Тимот научници, кој ги истражуваше остатоците од ова небеско тело деновиве ги објавија своите анализи во списанието Meteoritics and Planetary Science.
Малиот астероид 2024 BX1 изгоре при влез во атмосферата на планетата на 21 јануари годинава, а фрагментите паднале во областа Хавеланд во Бранденбург, во близина на германската престолнина. Пронајдени биле неколку дена подоцна, при што многу од нив се собрани од научници и колекционери.
Околу 202 фрагменти со тежина од 1,8 килограми се пронајдени во поле во близина на бранденбуршките села Рибека, Берге и Лицов, расфрлани на површина до 10 километри.
Научниците го нарекоа метеоритот Рибек по местото каде што е пронајден. Студијата од Институтот за планетологија на Универзитетот во Минстер, која беше објавена во списание во средата, покажа дека Рибек припаѓа на исклучително ретка класа која е богата со магнезиум и силициум.
Рибек има посебен статус во оваа ретка класа бидејќи карпата содржи невообичаено висок процент на силикатен минерал фелдспат, открија научниците.
Истражувачката група вели дека родителското тело на Рибек е старо околу 4,5 милијарди години и потекнува од астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер.
Научниците објаснија и зошто фрагментите мирисаат силно на водород сулфид, слично на мирисот на расипани јајца: хемиските реакции помеѓу минералите и влагата го предизвикале мирисот и ја промениле минералогијата на карпата.
Минералот аубрит,инаку, го добил името по мал метеор што паднал во 1836 година во Обрес во близина на Нион, Франција.