Револуционерен потег планира Народната банка со драстично намалување на банкарските провизии за меѓународни плаќања. Можеби токму тоа е причината што надлежните од централната банка многу рано почнаа да го „рекламираат“ СЕПА режимот во земјава, иако Македонија сѐ уште е многу далеку од зачленување во таканаречената Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
НБРМ сака да зборува за СЕПА затоа што преку овој режим на плаќања сака да ги натера банките во земјава неколкукратно да ги намалат провизиите за меѓународни безготовински плаќања во евра. Односно да ги сведат на нивото на провизиите за домашниот платен промет во денари. Анализата што ја направи порталот „Пари“ е со цел да се појасни – што значи ова.
Ако сега банките им наплаќаат на граѓаните минимум 300 денари за девизни дознаки во странство, во иднина, кога ќе бидат дел од СЕПА режимот, ќе треба да им наплаќаат 45-50 денари! Овие бројки ги земавме од сегашното ниво на надоместоците што ги наплаќаат банките.
Како стојат работите со актуелните тарифници на банките? На пример, една од најголемите банки во земјава наплаќа од 50 до 250 денари за кредитни трансфери во денари, а минимум 300 денари и максимум 30.000 денари за кредитен трансфер во странство во евра.
Слична е разликата во тарифите и кај друга банка од првата петорка. За уплати во готово на денарска платежна сметка во земјава на клиентот му наплаќа 45 денари по налог за износ до 5.000 денари, а 55 денари за износ над 5.000 денари. Уплатите на сопствена сметка на клиентот се бесплатни. За уплата во готово преку МИПС наплаќа 0,1% од износот, односно минимум 250 денари, а за уплати преку КИБС, 70 денари по налог за износ до 5.000 денари и 80 денари за износ над 5.000 денари. За девизни плаќања надоместоците се многу повисоки. Ностро дознака до 100 евра чини минимум 100 денари, или 0,15% од износот, плус 250 денари за СВИФТ порака. Ностро дознака над 100 евра чини 0,15% од износот (минимум 350 денари, максимум 30.000 денари) плус 250 денари за СВИФТ порака. Ако уплаќачот од земјава ги преземе на своја страна сите трошоци на трансферот, тогаш ќе треба да плати плус провизии кои се движат од 800 денари до 3.100 денари, зависно од висината на износот на кредитниот трансфер.
Значи, идејата на НБРМ е провизиите на банките за меѓународни плаќања, кои сега се движат од 5 евра па до 500 евра – да ги сведе на 50 денари?! Банките сега ги вршат меѓународните плаќања преку сметки во повеќе странски коресподентни банки, на кои чуваат ликвидни парични средства. Но, поради фактот што немаат сметки во сите банки во странство, кои би ги избрале клиентите како банка-примач на трансферот, трошоците за меѓународните плаќања многу поскапуваат, бидејќи има повеќе банки вклучени во самиот трансфер на парите.
Од Народната банка ги убедуваат банките дека СЕПА и ним ќе им биде од корист, затоа што ќе ги намали провизиите и за нив, а трансферите ќе ги направи побрзи и поефикасни, со што и нивните клиенти би биле позадоволни.
Во неодамнешното интервју за „Независен весник“, директорот на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, Игор Величковски, вели дека НБРМ ги презема сите активности за зачленување на Македонија во СЕПА режимот, кој започна со работа во 2008 година.
„Во изминатиот период Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори работеа на пополнување на апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА. На крајот на април оваа година, Народната банка, претставувајќи ги давателите на платежни услуги во земјата над кои има регулаторни и надзорни надлежности, ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и ги разрешиме евентуалните забелешки, коишто може да значат и потреба од дополнително усогласување на регулативата, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања со цел нејзина формална оценка и одлучување за пристапот во СЕПА“, вели Величковски.
Тој има порака и до домашните банки – кои ќе треба да работат на прилагодување на своите информациски системи со цел исполнување на техничките барања за пристапување во платните системи во СЕПА областа. „За сето ова ќе биде потребно време, поради што се очекува дека ефективното пристапување во СЕПА областа би се случило на среден рок односно во следните неколку години“, категоричен е Величковски.
Според него, користа од СЕПА е значајна, затоа што плаќањата во евра се доминантни во меѓународниот платен промет во земјава. Во 2023 година преку банките во земјата се извршени во евра 87% од вкупните одливни прекугранични плаќања, односно 77% од вкупните приливни прекугранични плаќања.
СЕПА е иницијатива на Европската унија која стартуваше во 2008 година со цел да ги поедностави плаќањата во евра преку интегрирање на тогашните национални пазари во единствен домашен пазар за плаќања во евра. Во СЕПА областа се воспоставени повеќе платни системи (платежни шеми) во кои давателите на платежни услуги учествуваат директно или индиректно, што овозможува брза и ефикасна размена на информациите за плаќањето и меѓусебно порамнување, во споредба со поскапите и временски подолгите коресподентни аранжмани на деловните банки што би ги користеле доколку не се приклучени во платните системи. СЕПА брои 36 земји-членки. Ги вклучува земјите од ЕУ, потоа Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство, како и неколку други држави (Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан).
Редакција Пари