Пари, во соработка со платформата за бонитетни информации, БизнисМрежа.мк, четврта година по ред ви ја претставува листата 100 Најголеми. Проектот 100 Најголеми содржи три категории – најголеми компании по приходи, по добивка и по број на вработени.
Нашата цел низ овој проект е да ја претставиме економската моќ на стопанството, да ги доближиме најмоќните компании во земјава поблиску до нашите читатели, да ги презентираме успесите на деловниот амбиент.
Ви напоменуваме дека предмет на рангирањето на 100 најголеми се компаниите што се трговски друштва во приватна сопственост. Ранг-листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сопственост и останати правни лица кои не се регистрирани согласно со Законот за трговски друштва.
Податоците покажуваат дека минатата година вкупните приходи на стотте најголеми компании се 14,3 милијарди евра, а тоа е 4,35 милијарди евра повеќе од резултатот што го оствариле истите компании во 2021 година! Во 2021 година нивниот промет бил 9,95 милијарди евра. Но целата разлика, во најголем дел се должи на растот на приходот на најголемата компанија, Џонсон мети, која за една година имала раст на приходите од речиси 4 милијарди евра.
НАЈГОЛЕМАТА Е СТРАНСКА КОМПАНИЈА И ПРАВИ ПРИХОД КОЛКУ ПОЛОВИНА ДРЖАВЕН БУЏЕТ
Првото место и во 2022 година, како и во 2021 година, го има Џонсон мети. Таа лани направила приход од речиси 2,5 милијарди евра, при што има раст од 18 проценти во однос на претходната година.
На второ место, со 976 милиони евра, е ОКТА, и таа има раст на приходите за 129 проценти во однос на 2021 година.
На трето место е Макпетрол, лани направила приход од 611,5 милиони евра и тој е за 67 проценти поголем отколку во 2021 година.
Со направен промет од над 500 милиони евра, ЕВН хоум е на четвртата позиција, а остварила раст од 49 проценти.
Овие 4 компании и во 2022 и во 2021 година се на истите први четири позиции по реализиран приход.
ЕКСКЛУЗИВНО НА ПОРТАЛОТ ПАРИ ЛИСТА НА СТОТЕ НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ПРИХОД ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА:
ОД КАДЕ РАСТ НА ПРИХОДИТЕ?
Податоците на Државниот завод за статистика кажуваат дека индексот на трошоците за живот во 2022 година, во однос на 2021 година, бележи пораст од 14,2 %, а индексот на цените на мало е 12,6 %. Ова значи дека дел од растот на приходите е резулат на зголемените цени. Но сепак, вкупниот раст на приходите на овие сто најголеми компании е значително над инфлацијата, односно тој е над 40 проценти! Но, треба да се земат предвид и случувањата во минатите години. Во 2020 година почна пандемијата и Македонија влезе во рецесија, во 2021 година економијата малку заживеа и се подгреваа очекувањата дека до крајот на 2022 година ќе се врати на претпандемиското ниво, но војната со Украина скрои нови планови. Овие случувања се отсликаа преку еден од најважните индикатори, стапката на раст на БДП. Реалната стапка на раст на БДП во 2020, во однос на 2019 година, изнесува – 4,7 %. Потоа, во 2021 година во однос на 2020 година имаше раст од 3,9 %, а во 2022 во однос на 2021 година се достигна помала стапка на раст, од 2,1 %. Но, се чини, стотте најголемите компании биле посилни од останатите и направиле значајно поголем приход во 2022 година во однос на 2021 година.
Редакција Пари