ПОВЕЌЕ

    ИНФЛАЦИЈАТА И ЦЕНИТЕ ПАЃААТ – Беспарицата и незадоволството растат

    Време зa читање: 3 минути

    Инфлацијата во септември е 6,6 проценти и покажува тренд на намалување во однос на августовското ниво од 8,3, јулското од 8,4 и јунското од 9,3 проценти, кога стапката влезе во едноцифрената зона. Состојбата, статистички, е оптимистичка. Сепак, таа „светлина“ не се рефлектира врз животниот стандард на граѓаните, чии потреби и можност веќе подолг период се во сериозен расчекор. Па, констатацијата од министерот за финансии дека стапката е „намалена трикратно во споредба со пикот на кризата во октомври од 19,8 проценти“, се прима како информација која влегува во едното и излегува од другото уво. Празните паричници ги тераат граѓаните решение за беспарицата да бараат преку протести.

    Најголем проблем е храната, која за две години поскапе 40 насто, но министерот за економија постојано ја уверува јавноста дека во тој дел континуирано ќе се намалува инфлацијата. Гарантираните цени на 24 категории производи направија придвижување во таа насока. Од друга страна, новововедената стапка на ДДВ од десет проценти и чудното дефинирање на луксузот ги минираат напорите за стабилизација на цените.

    Сепак, министерот Крешник Бектеши и натаму тврди дека се е под контрола, односно „ниту еден од производите со гарантирана цена нема да има ДДВ поголем од пет проценти“. И не само тоа, туку цените на овие основни прехранбени производи само може да бидат дополнително намалени. Никако – зголемени. А тоа ќе се случи веќе идните месеци, во ноември и декември. Така вели првиот човек на економија.

    Исто така, и премиерот Димитар Ковачевски е сигурен дека до крајот на годинава инфлацијата во делот на храната ќе се закотви на нивото од пет проценти. Освен тоа, вели дека сме во поволна позиција, бидејќи македонската листа на производи опфатени со повластената стапка на ДДВ од пет проценти е најдолга. Брои 1.600 артикли. Сите тие се „основни“ и „се користат во најголеми количини од најголем број од граѓаните“. Од другите, кои не се „здрави“, Владата не штити со оние десет проценти. Затоа и влегуваат во зоната на луксузот.

    Кога сме кај храната, и последните статистички податоци кажуваат дека и во септември имало многу повеќе поскапувања отколку поевтинувања. Паднале цените кај свежите и разладени овошје и зеленчук, маслото и маснотиите, млекото. А, се зголемиле на јајцата, сирењето и урдата, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, кафето, чајот, какаото, рибата и морските плодови, лебот и житата…

    Пресметките, пак, на Сојузот на синдикатите одат во прилог на делотворноста на „гарантираните цени“. Вредноста на миниминималната кошничка за просечно четиричлено семејство ја спуштиле за речиси илјада денари. Во септември изнесувала 48.379 денари или 786 евра (во август 49.345 денари/802 евра) пресметал Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Сепак, и синдикалците се убедени дека под влијание на зголемениот ДДВ на одредени прехранбени производи, основната кошница повторно ќе натежне.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично