ПОВЕЌЕ

    СТРУМИЧАНИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, ќе им се придружи министерката Шукова, Еуромакс ја обвинува за пристрасност

    Време зa читање: 5 минути

    И покрај прогнозираните високи температури, кои ја донесоа Македонија во портокалова фаза, Струмица се подготвува за утрешниот протест против отворањето на рудникот Иловица, предвиден да се одржи во центарот на градот, кај Глобал, со почеток во 11 часот. Организаторите, здруженијата на граѓани, со еколошки предзнак, од струмичката котлина, упатија апел до учесниците за масовно присуство со цел јасно искажување на револтот од експресната одлука на Владата да ги спои двете концесии на инвеститорот, канадската компанија Еуромакс Рисорсис, и со тоа да создаде предуслови за отпочнување на експлоатација на идниот рудник Иловица.

    „Принудени сме да се браниме со сите расположливи средства и методи затоа што во Македонија веќе подолго време не постои правен систем и правен поредок кој треба и мора да ги заштити граѓаните токму од вакви тешки злоупотреби на манипулативни и бескрупулозни функционери кои се целосно распуштени и без контрола, опиени од моќта поради контролата која ја имаат врз механизмите на власта“, се вели во обраќањето на Здрава Котлина до јавноста по повод протестот. И додаваат, во локалниот дијалект: „Не постои неутралност, не постои компромис, не постои ”не сам знајал/а”, не постои “оди си по крајчката”… Стига ни е од сите такви и слични!“.

    Непосредната причина за револт на Струмичани беше веста која одекна пред десетина дена, дека Владата ги споила концесиите и дека на повидок е отворање на рудник во Иловица. На овој чин му претходеше одлуката на Управниот суд, со која беше укината одлуката на Владата за едностран раскид на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини на територијата на општина Босилево, во атарот на селото Иловица, донесена уште на крајот на 2019, под притисок на јавноста и на месното население кое со недели во текот на 2018 го блокираше влезот на просторот каде што Еуромакс Рисорсис подготвуваше отворање на рудник за бакар и злато. Месното население стравува дека, технолошкиот процес на рудникот, кој треба да биде лоциран во непосредна близина на нивните домови, бавчи, ниви, ќе создаде неподносливи услови за опстанок и бараа од Владата одземање на дадената концесија.

    СОМНЕЖ ЗА КОРУПТИВНА ВРСКА ВЛАСТ-СУДСТВО-ИНВЕСТИТОР

    Она што ја прелеа чашата на нетрпеливост на локалците кон идејата за отворање на рудникот беше неодамна протечената информација дека значителен удел во сопствеништвото на концесионерот Еуромакс Рисорсис има купено фирма во сопствеништво на Назиф Дестани, познат како газда на мултимилионската компанија „Еколог“, со потекло од Тетово, човек близок до владеачката ДУИ, поради сомневање за постоење на коруптивни врски на релација власт-судство-инвеститор. Овие сомневања особено беа подгреани со ургентноста со која Владата донесе одлука за спојување на двете концесии (чиешто спојување само неколку години претходно ги одби Министерството за економија), кога таа беше објавена во Службен весник дури и пред да се објави дека Владата одржала седница со таа точка на дневниот ред, но и со одлуката на Управниот суд кој го смени ставот за 180 степени во рок од само една година откако претходно ја одби жалбата на Еуромакс Рисорсис.

    Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова објави дека утре ќе присуствува на протестната блокада против рудникот во Струмица. „Лично сум против нови рудници во државата. Мислам дека тој земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците треба да ни биде приоритет. Тоа е мојот личен став. Ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги чујам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата во координација со премиерот и министрите, пак ќе ја разгледаме одлуката за спојувањето на концесиите иако, тоа само значи административно спојување на две концесии“, изјави Шукова.

    „Изразуваме загриженост што процесот на реализација на најголемата инвестиција од независноста на државата повторно се внесува во контекстот на дневно политичката агенда. Освен што изминатите денови се зголеми интензитетот на пласман на манипулативни и лажни вести, се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно-финансиски последици од непостапувањето согласно позитивните законски прописи. Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови. Облигациониот однос меѓу Еуромакс Ресоурсис и Владата е државна работа која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на Суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познаници. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници“, се вели во соопштението на Еуромакс Рисорсис ден пред одржувањето на протестот во Струмица.

    Ова прејудицира, укажуваат од Еуромакс во денешното соопштение, дека министерката Шукова може да одлучува субјективно и пристрасно кога Еуромакс Ресорсис ќе го достави дополнувањето на Елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина. Од компанијата, инаку, тврдат, дека во технолошкиот процес на идниот рудник ќе бидат запазени највисоките еколошки стандарди за овој тип на индустрија и дека локалното население неоправдано стравува.

    Утрешниот протест во голема мерка треба да ја отслика решеноста на жителите на струмичкиот крај да не дозволат отворање на рудникот за бакар и злато Иловица на падините на Огражден. Доколку тоа се случи, веќе се искажуваат „добронамерни“ предупредувања дека инвеститорот ќе бара компензација на штетите преку обраќање на арбитражен суд,а дека износот што “потенцијално ќе се наплати од Буџетот на Северна Македонија изнесува повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично