Денес е последната шанса да се купи граѓанска обврзница. Лицата кои имаат слободни пари на трансакциската сметка, штедни влогови или готовина, можат да се упатат кон некоја од деловните банки и да направат сигурна инвестиција која ќе им ја донесе засега највисоката камата од пет проценти. Веќе утре ќе се одржи и првата аукција. Потоа обврзницата ќе им биде издадена на имателите, односно ќе биде запишана на нивно име.
Исто така, утре ќе се добие прецизна слика – колку овој досега непознат инструмент на домашниот финасиски пазар го привлекол вниманието на граѓаните. Односно, на денот од аукцијата ќе се знае износот на средствата вложени од граѓаните во обврзницата наменета за нив.
Вредноста на една обврзница е десет илади денари, а избор е на граѓаните колку ќе купат, зашто во тој поглед ограничувања нема. Бидејќи рочноста е две години, првата сума на име камата сопствениците на граѓанската обврзница ќе ја добијат во јули 2024, а втората во 2025. Тогаш ќе им се врати и вложениот износ.
Сепак, граѓаните не мора да чекаат да помине двегодишниот период. Доколку им се појави потреба, можат да ги продадат обврзниците и да дојдат до своите пари, што е една од предностите на овој инструмент.
Очекувањата се дека со граѓанската обврзница ќе се постигнат тројни ефекти. Ќе се намали кешот, што ќе оди во прилог на стеснувањето на просторот на неформалната економија. Понатаму, средствата ќе бидат насочени кон развој на економијата. А, граѓаните, чии пари ќе се „вртат“, за нив ќе добиваат повисоки приноси. Без било каков ризик.