Можностите за продлабочување на трговската размена со Полска, со акцент на подготовките за претстојната посета на полска бизнис делегација на нашата земја, предвидена за септември, беа дел од разговорите на средбата меѓу вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и новиот амбасадор на Полска во Македонија, Кшиштов Гжелчик.
Посакувајќи му успешен мандат, вицепремиерот Битиќи истакна дека двете држави го немаат целосно искористено големиот потенцијал за развивање на трговската размена.
„Полска постојано се вбројува во нашите 10-15 најголеми трговски партнери, но сепак, постојат големи неискористени економски потенцијали кои ги имаме како земји, за што е потребно интензивирање на економските односи кои ќе резултираат со бизнис можности за двете страни. Ова, се надевам, ќе се конкретизира во септември, кога ќе пристигне полската бизнис делегација”, нагласи Битиќи.
Амбасадорот Гжелчик се заблагодари за средбата и рече дека ќе работи посветено на унапредување на економската соработката помеѓу двете земји.