ПОВЕЌЕ

    СИТЕ САКААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ: Властите бараат системско решение, Народната банка препорачува внимателен пристап

    Време зa читање: 4 минути

    Платите во јавниот сектор се регулирани со повеќе од 200 различни законски или подзаконски акти. А, решението е – иста методологија за сите во тој сектор, смета вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

    „Ова значи иста методологија за плати и за мојот сограѓанин кој работи на најниското работно место и за претседателот на државата, вклучувајќи го и премиерот. Иста методологија за плати која ќе биде усогласена со синдикатите и кога тоа ќе го направиме, праведноста, правичноста и солидарноста ќе бидат покажани на дело. Сакам да оставам системско решение“, дециден е вицепремиерот.

    Преговорите со синдикатите за општиот колективен договор и новата методологија на плати која понатаму ќе се усогласи со сите закони во државата, се при крај, посочи тој и додаде дека се согласува со нивниот предлог пресметките да се прават врз основа просечната плата.

    „Се согласувам и дури мислам дека синдикалните организации веруваа дека ние нема да го прифатиме, но на последната средба го прифативме нивниот предлог. Секако, бидејќи беше само предлог без никакви финансиски калкулации, рековме дека треба сите заедно да ги дефинираме коефициентите на сложеност на сите работни места, во целиот јавен сектор. Што побрзо тоа го направиме и го затвориме, веднаш треба да почнеме да гледаме, според можностите, тоа да го спроведеме“.

    Сепак, за барањето таквите плати да се исплаќа уште во текот на годинава, Битиќи вели – „до вистинската цел, целосно зголемени плати, како што синдикалните организации веруваат, и тоа за 50, 60, 70, 80 насто и тоа веднаш, не може да се стигне, зашто тоа е период на прилагодување кој би требало да почне најбрзо што може“.

    Што значи, зголемувањето ќе остане за идната година, како што и кажа неодамна министерот за финансии, Фатмир Бесими. Според него, сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации врз инфлацијата. Затоа препорача имплементацијата да почне од 2024 година. Воедно, го сподели мислењето дека платите во јавниот сектор треба да растат само доколку расте продуктивноста и се зголемат платите во реалниот сектор. Таа изјава дополнително го зголеми револтот кој не стивнува откако функционерите добија плати повиски за 78 проценти, кои годишно ја оптоваруваат државната каса со речиси 15,6 милиони евра. Оттаму и најавите за штрајкови и работнички немири.

    „До кога функционерите граѓани од прв ред, а работниците – граѓани од втор ред“, прашуваат од ССМ. Синдикалците воопшто не се согласуваат со неговото укажување дека растот на платите ќе ја стимулира инфлацијата.

    „До кога Владата ќе глуми социјален дијалог, до кога владините претставници ќе зборуваат едно на ЕСС, а друго по медиумите и дали некогаш ќе се засрамат за тоа што си ги зголемија платите за 78% во најголемата инфлација, а со ништо не заслужија такво зголемување“, реагираат од ССМ. И укажуваат дека нема друг пример во светот каде што функционерите си ги зголемиле плати за 78 насто, а единственото зголемување за работниците е само работното време, и тоа за 78 проценти.

    Оттаму и повикот – работниците масовно да се придружат на активностите на синдикатите во наредниот период, „зошто само заедно можеме да се избориме за нашите работнички права“.

    Тензиите поврзани со платите се присутни со месеци наназад. Вработените од УЈП бараат зголемување за 30 насто. На здравствениот сектор му се одобрени за 2.000, 2.500 и за 3.000 повисоки плати, или плус 9,6 насто за медицинските сестри со средно образование, 5,8 за сестрите со стручно високо образование, општите лекари и здравствените работници, а 2,7 проценти специјалистите. Проблемот со ова не е решен, незадоволството остана и тоа беше јавно искажано.

    Одговор на прашањето дали повисоките плати во јавниот сектор ќе ја поттикнат инфлацијата даде гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска: „Доколку се предвидени одредени зголемувања кои можат да значат поттикнување на јавната потрошувачка и евентуално притисок врз ценовното ниво, треба внимателно да се пристапи“.

    За платите на избраните функционери, каде што растот дојде со одлука на Уставниот суд и не беше планиран во Буџетот за годинава, гувернерката наведе дека не знае што точно е предвидено и дали има простор да се обезбедат тие средства. И, посочи дека Централната банка во проекциите ги вградува сите информации со кли располага, а прудентноста на политиките е од исклучително значење во овие периоди, во кои неизвесноста е се уште висока.

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично