ПОВЕЌЕ

    ИМА И НЕВРАБОТЕНИ И ОГЛАСИ ЗА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА, ама работници ќе бараме од увоз

    Време зa читање: 5 минути

    Работоспособното население во државата, во 2021 година броело 1.468.734 лица, од кои активни – 819.893. Вработени биле 693.494, а невработени 126.398 граѓани, покажуваат согледувањата од Анкетата за работната сила на Државниот завод за статистика, преработени според прогнозите базирани на податоците за бројот и структурата на населението од Пописот 2021.

    Од активното население на возраст од 15 години и повеќе, според економската активност и полот, мажи се 485.066, жени 334.826. Вработени биле 693.494, од кои мажи 404.362, а 289.132 жени. Во тој период бројот на невработените бил 126.398, сочинет од 80.704 мажи и 45.695 жени.

    Составот, пак, на работоспособните е 210.626 лица во групата од 15 до 24 години, на возраст од 25 до 49 години – 621.217, од 50 до 64 – 378.634, а на возраст од над 65 години 258.257 лица. Во структирата влегуваат 726.429 мажи и 742.306 жени.

    Бројката на невработените во 2021 година била 126.398. Најмал дел од нив – 22.344 се на возраст од 15 до 24 години, од 25 до 49 ги имало 73.515, а најбројно е работно неангажираното население опфатено во возрасната група од 50 до 64 години.

    Тоа е состојбата од 2021, а податоците од Агенцијата за вработување покажуваат дека во февруари годинава се евидентирале 110.506 невработени, а во графата „други лица кои бараат работа“ се заведени 46.244.

    Очигледно е дека има луѓе кои се без работа. Наспроти тоа, присутен е проблемот со недостиг на работна сила. Кој властите сакаат да го решаваат со домашни ресурси, но додека се премости јазот што постои меѓу понудата и потребите, празнината (ќе) се пополнува со увоз.

    Квотата од 5.000 странски работници е пополнета со 3.000 и нешто, рече неодамна вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој впрочем и прв го спомена увозот на работна сила, па откако се разви дискусија на таа тема, дообјасни дека одржливи решенија за пазарот на труд се нашите сограѓани што живеат овде и сакаат да продолжат со преквалификација, доквалификација и креирање нови вештини, со што ќе одговорат на барањата на компаниите.

    Решенијата долгорочно ги бараме кај нашите сограѓани. Конечно, сите треба да сфатиме дека доживотното учење не е само на хартија, туку треба да се доквалификуваме и преквалификуваме и да бидеме во тек со новите работни места што се отвораат, нагласи вицепремиерот.

    Во Агенцијата за вработување располагаат со понуда од 6.817 работни места. Воедно, има и повици за реализација на различни проекти, преку кои активните баратели на работа полесно можат да дојдат до целта.

    На пример, отворен е јавниот повик за реализација на пилот мерката „Втора шанса“. Се однесува на евидентираните невработени лица со незавршено средно стручно образование за занимања или од техничкото образование, а кои спаѓаат во ранливите целни групи – корисници на гарантирана минимална помош, да се на возраст до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост, долгорочно невработени лица. На тој начин ќе си обезбедат диплома за завршено средно стручно образование и положена училишна или државна матура.

    Освен тоа, наведено е во огласот, сите трошоци се покриваат со средства од ИПА проектот Активација на ранливи групи на пазарот на трудот, финансиран од ЕУ. А, пак, доколку се пријават за „Втора шанса“, корисниците на видовите финансиска помош нема да го загубат тоа право.

    Инаку, огласот фигурира од 31 декември лани, а ќе биде отворен се додека не се пријават 200 заинтересирани, бројка која не е достигната во изминативе три месеци.

    САМОВРАБОТУВАЊЕ СО КРЕДИТИРАЊЕ

    Од вчера се отворени уште два огласи. Едниот е за самовработување со кредитирање. Поточно, на невработените кои се на списоците на АВРМ им се дава можност за кредит од пет до десет илјади евра за започнување сопствен бизнис. Плус по пет илјади евра за секое новоотворено работно место. Се финансираат проекти со најмногу петмина вработени и со максимален износ од 30.000 евра, при што барателот мора да има учество од минимум 25 отсто од кредитот, во вид на опрема или готовина. Парите, со годишна камата од еден процент, ќе треба да се враќаат во период од седум години. Предвиден е и грејс период од една и пол година.

    Другиот оглас е за отворање нови работни места во микро, малите и средни фирми, кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис преку користење кредитни средства. И тука се предвидени по пет илјади евра за секое работно место што ќе се отвори на овој начин, при што не постојат ограничувања за нивната бројка. Со тоа што вработениот мора да остане на работа најмалку три години, или ако се случи прекин, местото мора да се пополни согласно прописте на проектот. Во спротивно, корисникот ќе мора предвреме да го врати целиот износ на кредитот. Инаку, регуларниот рок за раздолжување е четири години, со едногодишен грејс период и со камата од еден процент.

    Не е прв пат АВРМ да спроведува вакви и слични проекти. Сепак, и покрај тоа недостигаат работници и проблемот мора да се решава со увоз.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично