ПОВЕЌЕ

    Мермерен комбинат АД Прилеп: Големи ефекти од конкурентноста на странските пазари

    Време зa читање: 2 минути

    Одлични се резултатите од работењето на прилепскиот Мермерен Комбинат АД, и покрај пониските проценти на остварувањата во одредени сегменти во однос на 2021 година. Притоа, ефектите речиси стопроцентно произлегуваат од извозот на странските пазари, каде што оваа македонска компанија е мошне конкурентна.

    Приходите од продажбата се во износ од 30,4 милиони евра или 1,872,249 илјади денари, што претставува зголемување за 0,82 насто споредено со претходната 2021 година. На ова поле доминантни се достигнувањата на странските пазари, од каде што доаѓаат 99,68 отсто од приходите.

    Остварената оперативна добивка се брои со 15,3 милиони евра (946,420 илјади денари). Но, кога се прави паралела со остварената во текот на 2021 од 16,4 милиони евра (1,011,112 илјади денари), се забележува намалување од 6,40 проценти.

    Заработката пред камати, даноци и амортизација – EBITDA изнесува 17,5 милиони евра (1,082,871 илјади денари), наспроти остварениот износ од 18,7 милиони евра (1,152,956 илјади денари) во 2021. Намалувањето е за 6,08 отсто.

    Сепак, крајниот резултат по оданочување е позитивен и изнесува 13,9 милиони евра (859,626 илјади денари). Во истиот период од 2021 година биле евидентирани 14,8 милиони евра (911,863 илјади денари) и се работи за намалување од 5,73 проценти.

    Оперативните расходи изнесуваат 15,4 милиони евра (951,505 илјади денари) и се повисоки за 8,41 насто во однос на 2021 година. Регистрирано е зголемување и кај трошоците за материјали и суровини – за 32,95 проценти, додека во расходите за вработените има намалување од 5,06 отсто. Зголемување има и кај трошоците за надворешни услуги, од 5,12 насто. А, пак, тие за амортизација се во износ од 2,1 милион евра (131,173 илјади денари) и се пониски за 4.07 проценти споредено со 2021 година.

    Значајно е и тоа, што лани Друштвото целосно ги затворило сите кредитни задолжувања.

    Акционерите на Комбинатот добиле и дивиденда од акумулираните добивки остварени од работењето во 2020 и 2021 година, во износ од 16 милиони евра или  988,913 илјади денари. Бруто-износот за обична акција бил со износ од 3,42 евра. Конкретно, на акционерите им е исплатен вкупен нето-износ од 15,8 милиони евра (978,100 илјади денари), како и 172,3 илјади евра (10,615 илјади денари) на име данок на исплатени дивиденди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично