ПОВЕЌЕ

    ИНФЛАЦИЈА ВО РЕГИОНОТ: РЕЖИСКИТЕ ТРОШОЦИ НАЈМНОГУ ПОСКАПЕА КАЈ НАС, Храната – во Црна Гора

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата година ја завршивме со просечна инфлација од 14,2 проценти. Ова значи дека во просек за цела година, за толку се зголемиле трошоците за живот во однос на 2020 година. Статистичарите соопштија и една добра вест: конечно имаме месечно намалување на трошоците за живот. Имено, стапката на инфлација во декември во однос на ноември покажува намалување на трошоците за 0,2 проценти. Сепак, и понатаму има раст од 0,7 проценти на цените на мало. Државниот завод за статистика дава два показатели – едниот е за трошоци на живот, податок изведен од класифицирана индивидуална потрошувачка по намена со потрошувачки цени. Другиот податок е за цените на мало, каде е земена една поголема група на неопходни производи и тоа со цени на мало во повеќе градови. Меѓународен стандард се смета податокот за трошоци за живот, што, всушност, е стапка на инфлација.

    Порталот Пари анализираше како Македонија се справува со инфлацијата во однос на другите земји. „Прошетката“ низ податоците од националните статистики од земјите од опкружувањето покажува дека и покрај стивнувањето на инфлацијата во декември, за жал, сѐ уште го имаме неславното место на земја со најголема инфлација во регионот.

    Како што и досега пишувавме, нашиот Државен завод за статистика може да се пофали со брзината на објавувањето на податоците за инфлација и секогаш предничи во објавувањето на податоците во однос на другите земји, освен во однос на Словенија, со која истовремено објавуваме податоци. Така, засега само Македонија и Словенија имаат податоци за декември, додека кај другите земји податоците се за ноември. Овие податоци покажуваат дека во декември, годишната инфлација во Македонија била 18,7 проценти, и тоа е највисок процент. Словенија, пак, го продолжи веќе утврдениот тренд на најмала инфлација во регионот и во декември 2022 година во однос на декември 2021 година има инфлација од 10,3 проценти. По нас, со инфлација, но за ноември, е Црна Гора, со стапка од 17,5 проценти, па Србија со 15,1, и Хрватска со годишна инфлација од 13,5 проценти. Ако се земе предвид дека насекаде во ЕУ на крајот од минатата година имаше забавување на инфлацијата, очекувано е и по објавување на декемвриските стапки на инфлација во земјите од регионот, Македонија да остане лидер по инфлација.

    Годишни стапки на инфлација

    Трошок Македонија (декември)Србија (ноември)Црна Гора (ноември)Хрватска (ноември)Словенија (декември)
    Вкупна инфлација18,7% 15,1%17,5%13,5%10,3%
    Храна и безалкохолни пијалаци27,1%22,5%30,2% 19,2%18,6%
    Облека и обувки 3,3%6,6%7,7%5,8%2,3%
    Домување, вода, струја, гас и други горива20,4%18,4%15,6%16,5%13,3%
    Опрема за дом, одржување16,7% 15,9%12,7%16,5%12,9%
    Превоз 16,1% 12,9%13,5%13,3%9,3%

    Извор: Национали статистички агенции од одделни држави

    Разгледувањето на одделни потрошувачки цени по групи покажува дека во Македонија, во однос на другите земји, за една година најмногу пораснале цените во групната ставка Домување, вода, струја, гас и други горива, како и во однос на превозот.

    Кај трошоците за домување, вода, струја, гас и други горива, Македонија има раст на цени од дури 20,4 проценти. Зад нас е Србија со пораст од 18,4 проценти, па Хрватска со 16,5, Црна Гора со 15,6, и Словенија со 13,3 проценти.

    Компаративно, најголем раст има и кај трошокот за транспорт. Во Македонија во декември имало годишен раст на потрошувачките цени од 16,1 %, додека ноемврискиот годишен раст во Црна Гора бил 13,5 %, во Хрватска 13,3 %, а во Србија изнесувал 12,9 %. Словенија, како и во сѐ – и кај транспортот има најмал раст на цени од „само“ 9,3 проценти во декември 2022 година во однос на декември 2021 година.

    Што се однесува до цените на храната, Македонија во целото ова време на висока инфлација е во тесна трка со Црна Гора. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци во Црна Гора забележаа раст од дури 30,2 проценти во ноември 2022 година во однос на ноември 2021 година. Но, ноемвриската инфлација на храна и безалкохолни пијалаци во Македонија беше слична и изнесуваше 29,8 проценти. Во декември имаме пад на овие трошоци, но, сепак, тие се поголеми за 27,1 процент во однос на декември 2021 година, што е сѐ уште висок раст. Најниска инфлација на храна и безалкохолни пијалаци имала Словенија, кај која инфлацијата на годишно ниво во декември изнесувала 18,6 проценти.

    Во претходните месеци, со пандемијата и со наглиот скок на цените, како никому да не му беше до обновување на облеката и на обувките, па и цените на овие производи, покрај севкупната инфлација, покажуваа мали поместувања. Но, веќе во ноември и декември може да се забележи нагорен тренд. Сепак, како што се гледа од статистичките податоци, тој тренд во Македонија сѐ уште не е присутен како во опкружувањето. Имено, трошоците за облека и обувки во нашата земја се зголемиле за 3,3 %, во Србија за 6,8 %, а во Хрватска дури за 7,7 %.

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично