Автор: Мирче Јовановски
Економистите велат дека нема простор за загриженост бидејќи Македонија и трговски и валутно главно е врзана за еврото
Порастот на вредноста на доларот во последните недели загрижи многумина кои се прашуваат дали ваквиот тренд ќе се одрази врз националната валута денарот и врз домашната економија. Економистите велат дека нема простор за загриженост бидејќи Македонија и трговски и валутно главно е врзана за еврото. Јавниот долг претежно е изразен во заедничката европска валута, огромен дел од надворешно трговската размена се одвива со ЕУ, а банките немаат кредити кои се издаваат во американската валута. Сепак, има еден дел од економијата каде што вредноста на доларот удира силно, а тоа е енергијата – цената на енергентите се изразува во долари, Македонија е целосно зависна од увоз на нафта и на природен гас.
Односот на денарот кон доларот зависи пред се од соодносот кој се формира на валутните берзи меѓу американската и американската валута. Последниве денови двете најзначајни светски валути (доларот и еврото) се изедначија со вредноста, па така едно евро се разменува за еден долар, што се случува за прв пат по 20 години. Тоа значи дека вредноста на еврото е намалена за над 12 отсто во однос на неговата вредност на почетокот на годината.
Ваквиот тренд го следи и денарот, па така, според најновата курсна листа на Народната банка, средниот курс на еврото е 61,5 денари, а на доларот 61,24 денари. За споредба, на 1 овој месец, еврото се разменуваше за 61,68 денари, а доларот за 59,38 денари. На почетокот на годинава, пак, доларот вредеше 54,43 денари.
И курсевите што ги користат банките за менувачко работење, покажуваат дека доларот е во поволна позиција во однос на еврото – па така, во менувачниците едно евро се откупува за 61,30 денари, а еден долар за 60,41 денари, додека продажниот курс за еврото е 61,80 денари, а за доларот 62,20 денари.
„Односот меѓу доларот и еврото е рефлексија на состојбата во двете економии, таа на САД и таа на еврозоната, а таа состојба стана особено дивергентна по почетокот на руско-украинскиот конфликт“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој вели дека американската економија е помалку изложена на последиците од конфликтот и не е зависна од енергентите кои доаѓаат од Русија, туку е енергетски нето извозник. Европската унија и посебно некои големи економии како Германија се се` уште многу зависни од руските енергенти. Оттука, и перформансите и изгледите на американската економија се подобри, па и реакциите на монетарните политики се различни.
Марјан Петрески: Ефект може да има кај одредени компании кои тргуваат во долари, но верувам дека тие соодветно ја менаџираат својата девизна позиција
„Последното зајакнување на доларот е последица на поагресивното зголемување на основната каматна стапка од страна на ФЕД, со цел да се заузда инфлацијата, која во САД е движена во значаен обем и од загревање на побарувачката. За разлика од тоа, ЕЦБ досега не прибегна кон зголемување на референтната каматна стапка, иако го намали откупот на обврзници, додека најавата за зголемување подоцна овој месец е дека таа реакција ќе биде релативно блага, поради поголемиот ризик од рецесија во Европа. Како последица на сето ова, доларот зајакна и речиси се изедначи со еврото, а проекциите се дека апрецијацијата до крајот на годината ќе продолжи“, додава професорот Петрески.
Сепак, како што посочува, ова за нас нема особени ниту позитивни ниту негативни ефекти, бидејќи главната изложеност на нашата економија и во поглед на трговијата и во поглед на финансиските текови вклучително и задолжувањето, е главно кон европските економии, односно доминантната деноминација е во евро, а изложеноста во долари е мала.
„Ефект може да има кај одредени компании кои тргуваат во долари (на пример, во ТИРЗовите), меѓутоа, со оглед дека немам детален увид во билансите на одделни компании, верувам дека тие соодветно ја менаџираат својата девизна позиција. Инаку, генерално ќе искористат лица и компании кои поседуваат долари, а ефектот ќе биде неповолен кај оние кои должат во долари“, вели Петрески.
Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија и универзитетски професор во пензија, Љубе Трпески вели дека ревалвацијата на доларот спрема еврото и враќањето на односот долар/евро на ниво од пред дваесет години се должи на неколку фактори:
Како прво, посочува Трпески, Централната банка на САД (Федералниот Резервен Систем) прва започна со остри рестрикции на монетарната политика, преку подигнување на каматните стапки, во неколку наврати. Европската централна банка тоа почна да го применува со извесно задоцнување и со поблаги рестрикции;
На европско тло се води војна, и европската економија е многу повеќе погодена од американската;
Санкциите превземени против Руската Федерација, имаат економски консеквенци и врз европската економија, многу повеќе во споредба со американската, заради големата зависност на европската економија од руските енергенси, и очекувањата се дека тоа ќе води во стагфлација не само во еврозоната туку на целиот Европски цонтинент;
Конечно, очекувањата дека војната нема брзо да заврши, и дека економските последици во Европа ќе се зголемува ги тера инвеститорите не само од Волстрит туку и од другите Светски финансиски пазари да сметаат дека доларот им е посигурна валута во овие несигурни времиња;
Љубе Трпески: Нашиот проблем е што стагфлацијата која е неминовна кај нашите најголеми трговски партнери силно ја погодува и македонската економија
„Нашата валута, денарот, е врзана за еврото, и ја дели неговата судбина. Најголемиот дел од плаќањата спрема странство се извршуваат во евра, најголемиот дел извозот и увозот се наплатува и плаќа во евра, исто така и дознаките од странство во најголем дел се во евра, и од тие причини не очекувам некои поголеми негативни последици, од зајакнувањето на доларот во однос на еврото“, вели професорот Трпески.
Тој исто така додава дека надворешниот долг во најголем дел е деноминиран во евра, поранешните долгови, наследени од СФРЈ, кои беа деноминирани во долари, речиси се целосно отплатени, а задолжувањата последниве години се во евро-обврзници, па и од тој аспект не треба да се очекуваат негативни последици.
„Да заклучам: Нашиот проблем е што стагфлацијата која е неминовна кај нашите најголеми трговски партнери силно ја погодува и македонската економија. И на тоа ако се додадат и високите цени на енергенсите (нафта, струја, гас) и на храната, не чека тешка зима и тешка година“, вели Трпески.
Комбинацијата скап долар и високи цени на енергентите има големо влијание врз малопродажните цени на бензините, но и на салдото на вкупната трговска размена на земјава. Тоа се гледа и од извештаите на Државниот завод за статистика за стоковната размена со странство. Така, во пресекот за јануари – мај годинава, стои дека за увоз на минерални горива, мазива и сродни производи биле потрошени 937, 8 милиони евра или над 1 милијарда долари. За споредба, во истиот период минатата година за истата намена биле потрошени 318 милиони евра или 383 милиони долари, или речиси три пати помалку отколку годинава.
Влијанието на силниот долар врз обичните граѓани исто така е ограничено, велат економистите, освен кај оние кои имаат намера да одат во САД или во некоја од земјите кои се „доларизирани“, односно каде што доларот е референта валута, што ќе им го поскапи патувањето. И обратно,иселениците кои годинава доаѓаат до САД во нашата земја ќе поминат значително поевтино бидејќи за ист износ долари сега ќе добијат повеќе евра или денари.
Целиот текст е достапен на линкот – независен.мк