Македонската берза на хартии од вредност ѝ ја додели на Комерцијална банка наградата „Акција со најголем промет во 2021 година – компании над 50 милиони евра пазарна капитализација“. Со годишните награди што Берзата ги воведува за првпат им се дава јавно признание на компаниите кои во тековната година биле најактивни и најпрепознатливи на домашниот пазар на капитал.
Акцијата на Комерцијална банка традиционално е една од најтргуваните на Македонската берза, што се должи пред сѐ на довербата која ја уживаат инвеститорите во акцијата и во работењето на Комерцијална банка, но и на транспарентното, одговорно и успешно работење на Банката.
„Оваа награда потврдува дека Банката не е само избор на депонентите и штедачите, кои веруваат во нас, туку и на инвеститорите. Во изминатата година акцијата на Комерцијална банка учествува со 37% во прометот со акции без блок-трансакции, а дури 44% во прометот со блок-трансакции. Со акциите на Комерцијална банка е реализирано тргување во вредност од околу 30 милиони евра без блок-трансакции и речиси 60 милиони евра со блок-трансакции. Сѐ ова покажува колку навистина се тргува со акцијата на Комерцијална банка“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка во своето обраќање по повод доделување на наградата.
Оваа година, Комерцијална банка се истакна со успешното справување со сите предизвици и со одлични финансиски резултати, со што акцијата на Банката стана уште поатрактивна за инвеститорите на домашниот пазар на капитал. Комерцијална банка е најголема банка во Македонија по износ на вкупна актива, најголем кредитор на корпоративниот сектор, банка со стабилна дивидендна политика. Секоја година континуирано се зголемува вкупниот број на акционери на Банката, кој на крајот од ноември оваа година изнесува околу 5.400 акционери, што е зголемување за околу 200 акционери во однос на крајот на 2020.
„На сите кои веруваат во нас можеме да им порачаме дека остануваме посветени на својата деловна стратегија за натамошно успешно работење и веруваме дека тоа ќе придонесе за натамошно одржување на довербата што ја имаме кај клиентите и акционерите“, порача директорката Стевкова-Штериева.