
Енергетската транзиција не почнува само со нови електрани, соларни панели и модерни мрежи, туку и во училниците каде што се подготвуваат идните техничари, електричари и инженери. Со таква порака министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја започна новата учебна година во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес.
При посетата на училиштето, Божиновска се сретна со директорот Горан Богоевски, наставниците и учениците, а се запозна и со практичната настава и условите во кои се образуваат младите.
Во фокусот на нејзиното обраќање беше стручното образование, за кое рече дека ќе има сè поголемо значење во економија што брзо се менува и во која побарувачката за квалификувани кадри расте.
„Нема мала или голема професија. Има професионалност, знаење и посветеност. На една модерна економија ѝ се потребни и инженери и техничари, и програмери и автомеханичари, и електричари и механичари, и мајстори и претприемачи“, порача Божиновска.
Таа им порача на учениците дека знаењето што го стекнуваат не треба да го гледаат само како пат до оценка или диплома, туку како стекнување професија што во иднина може директно да им обезбеди место на пазарот на труд.
ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ има повеќе од шест децении традиција во стручното образование и е најголемото државно средно училиште во Велес, со околу 980 ученици. Во училиштето се образуваат кадри од машинската, електротехничката, сообраќајната и угостителско-туристичката струка.
Меѓу профилите се машински техничари, автомеханичари, електротехничари, техничари за компјутерска техника и автоматика, техничари за индустриска мехатроника, техничари за транспорт и шпедиција, како и готвачи и келнери.
За енергетскиот сектор особено значаен е профилот електротехничар-енергетичар, кој, според Министерството, директно одговара на дел од идните кадровски потреби во оваа област.
Божиновска посочи дека енергетиката веќе влегува во период во кој класичните знаења ќе мора да се надополнуваат со нови вештини.
„Македонија гради нов енергетски систем, вложува во обновливи извори, соларни и ветерни електрани, модернизација на мрежата, складирање енергија и нови технологии. Но, ниту една електрана, ниту една мрежа и ниту една нова технологија не може да функционира без квалитетни луѓе“, рече министерката.
Според неа, во наредните години ќе расте потребата од луѓе кои ќе знаат да работат со паметни електроенергетски мрежи, батериски системи, автоматизирани постројки, дигитални решенија и други современи технологии.
Таа нагласи дека кога се зборува за енергетската иднина на земјата, темата не треба да се сведува само на мегавати, инвестиции и инфраструктура.
„Енергетската транзиција не е само технолошка промена. Таа е и промена во знаењето, во вештините и во начинот на кој работиме“, истакна Божиновска.
За време на посетата било разговарано и за можностите за поголемо поврзување меѓу Министерството и училиштето, пред сè преку практична настава и поблиска соработка со компании од енергетскиот сектор.
Разгледана била и можноста за поинтензивна институционална соработка преку која учениците би добиле повеќе простор за практично искуство, размена на знаења и директен контакт со реалните потреби на индустријата.
„Енергетската транзиција нема да ја направат само инвестициите и технологијата. Ќе ја направат и луѓето со знаење и вештини. Затоа сакаме уште посилно да ги поврзуваме енергетиката, образованието, компаниите и младите“, порача Божиновска.
На учениците им порача да не стравуваат од технолошките промени, туку да ги гледаат како можност.
„Не размислувајте само каде ќе најдете работа. Размислувајте каде можете да создадете вредност. Не плашете се од технологијата – научете ја. Не плашете се од промените – бидете тие што ќе ги носат“, рече министерката.
На учениците, наставниците и родителите им посака успешна учебна година, потенцирајќи дека идниот развој на земјата во голема мера ќе зависи токму од знаењето и вештините на новите генерации.
Аналитика








