ПОВЕЌЕ

    АПСУРДИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ „ТАРГЕТ ГРУП“: Кога владиниот бизнис-регистар дестимулира бизнис

    Време зa читање: 13 минути

    Фирма ѝ плаќа на државна институција за услуга по тарифник, но институцијата одбива да ја даде услугата ако не се исполнат дополнителни услови, кои патем не им се наметнуваат на други купувачи. Веќе шест години ова е релацијата меѓу Централниот регистар и компанијата „Таргет груп“

    За спорот се водат постапки пред три институции. А исходот, освен за директно засегнатите, има и многу пошироко значење

    Македонија е држава во која има околу 75 000 активни правни лица. Некои работат добро, некои лошо, некои се фирми „на хартија“. Така е насекаде низ Европа. Но, една од работите по кои земјава се разликува од регионот и континентот се ограничените можности – како брзо и точно да се провери профилот на одредена компанија, па и на цела индустриска гранка.

    И тоа не е само домашна констатација. На пример, во последниот извештај на Стејт департментот за инвестициската клима во земјава, недостатокот на механизми за проверка на основните податоци, но и успешноста во работењето на фирмите во земјава е споменат веднаш по реченицата за корупција во судството и при тендерите.

    „Многу бизниси што работат во Македонија, вклучувајќи и некои бизниси од САД, ја идентификуваат корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Не постојат локални фирми или непрофитни групи што обезбедуваат ‘ветинг’-услуги за потенцијални локални инвестициски партнери. Странските компании често најмуваат локални адвокати кои имаат познавање во домашните индустриски сектори и кои имаат пристап до Централниот регистар и бизнис коморите, кои можат да обезбедат финансиски и позадински информации за локалните бизниси и потенцијалните партнери“,

    се нагласува во извештајот на Стејт департментот.

    А не е дека никој во земјава не сака да работи „ветинг“ или анализа на конкретни фирми или цели сектори. Вистинското прашање е – дали некој смее да го прави тоа?

    Кога јавните податоци стануваат „доверливи“

    Централниот регистар на Република Македонија (ЦРРСМ) е единствената државна институција во која, по закон, се отвора фирма или друг правен субјект. И не само тоа, секој правен субјект има обврска редовно да ги ажурира сите измени поврзани со име, адреса, сопственици, управителите, а еднаш во годината да доставува и завршна сметка.

    Пример за бесплатна објава на интернет-страницата на Централниот регистар на РСМ

    Централниот регистар е должен да ја стави базата на податоци на увид на јавноста. Информациите за отворањето, затворањето и промените кај правните субјекти се бесплатни, но најмногу до 30 дена. Три дена, сите промени стојат „отворени“ на интернет-страницата на Централниот регистар, а потоа уште 27 дена може да се пребаруваат во архивата. За другите услуги, Регистарот има објавено Тарифа како и објаснување дека за да добиете одреден податок, прво треба да платите согласно Тарифата, да приложите доказ до Централниот регистар за плаќањето, па да си го „подигнете“ податокот. Но, една домашна компанија вели дека плаќа за една од услугите од Тарифата, а Централниот регистар им ги враќа парите наместо да им ги даде податоците.

    Фирмата се вика „Таргет груп“. Нејзини основачи се двајца млади луѓе од земјава, едниот со завршено високо образование во САД, а другиот во Словенија. Се вратиле во Македонија и отвориле т.н. „бонитетна агенција“. Како и слични компании на Запад, нудат брзи анализи за состојбата во која се наоѓа некоја фирма, па и цели пазарни сектори. Нивните клиенти имаат на располагање и интернет-алатка каде со неколку клика може да се провери – кој е сопственик на одредена компанија, колку пари „врти“ годишно, колку вработени има, дали редовно плаќа данок и други информации важни за секој бизнисмен.

    За да понудат таква услуга, младите претприемачи требало да развијат софтвер но, клучно, неопходни им биле податоците од сите компании во земјава, прво регистарските (име, адреса, основачи итн.), а потоа и финансиските. „Таргет груп“ ги обезбедиле и се уште ги обезбедуваат регистарските податоци за фирмите директно од интернет-страницата на Централниот регистар. Податоците што ги нема бесплатно, како финансиските извештаи, ги купувале согласно објавената Тарифа. Но, во 2016 година се случува „курцшлус“. Раководство на Централниот регистар, поставено од тогашната власт, поднесува кривична пријава против „Таргет груп“ за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Во суштина, државната институција го проблематизира преземањето и обработката на јавните податоци за комерцијални цели. Кривичната пријава коинцидира со периодот на длабоката политичка криза во земјава кога се појавија серија новинарски истражувања (направени и со помош на алатката на „Таргет груп“) кои открија злоупотреба на моќ и јавни фондови од тогашните властодршци.

    Од тој момент, велат од „Таргет груп“, Централниот регистар почнува да ги дискриминира, независно што во меѓувреме се менуваат раководството и власта. „Таргет груп“ ја плаќа услугата под број 37 од Тарифникот, податоци од сите обработени годишни сметки во електронска форма, која чини 4 000 000 денари (65 000 евра). Но, Централниот регистар не им дава да ги купат, без да потпишат договор со дополнителни услови.

    Дел од Тарифата на Централниот регистар на РСМ

    „Централниот регистар на Република Македонија (ЦРРСМ) му наметнува на ‘Таргет груп’ да прифати дополнителни обврски дека купените податоци и информации не може да ги продава на други лица дури и во обработена форма. Тоа не значи ништо друго туку индиректна забрана за вршење на дејноста на ‘Таргет груп’. Примарна дејност на ‘Таргет груп’ е дејности на советување во врска со работењето и останато управување… Исто така, во Предлог-договорот ЦРРСМ наметува уште една дополнителна обврска – годишните сметки, кои согласно закон се јавен податок, ‘Таргет Груп’ да прифати дека ќе бидат деловна тајна. Како може јавен податок, кој со закон е определен како јавен, да стане деловна тајна“,

    вели Сашка Павлевска, правна застапничка на компанијата „Таргет груп“.

    Како аргумент за дискриминацијата, од „Таргет груп“ наведуваат дека кога купуваат само еден податок, на пример, еден листинг од обработена годишна сметка, Централниот регистар не им бара да потпишат договор што ги ограничува во дејноста. Но, проблемот е што секој поединечен листинг од обработена годишна сметка за една фирма чини 699 денари, што значи дека ако ги купат сите податоци, еден по еден за сите правни субјекти, ќе треба да платат десетпати поскапо за услуга што инаку постои како збирна во Тарифникот на Централен регистар.

    „Математиката е едноставна, Владата дала согласност за Тарифата сите годишни сметки да се купуваат за 4 милиони денари (околу 65 000 евра), а ЦРРСМ го принудува ‘Таргет груп’ да ги купува за 50 милиони денари (околу 810 000 евра), што значи штета од 46 милиони денари (околу 745 000 евра) за само една година, а ваквата состојба трае веќе 6 години“,

    дополнува Павлевска.

    За сите овие наводи, „360 степени“ побара став од Централниот регистар. Прво, прашавме дали сметаат дека е забранета каква било преработка на јавно достапните податоци во нивната база за комерцијални цели, на пример, за научен труд за кој авторот ќе заработи хонорар. Потоа, прашавме и зошто се бара потпишување договори само во одредени ситуации. Одговорот што го добивме, интегрално, на овие прашања е:

    „Централниот регистар на Република Македонија е институција формирана со Закон за Централен регистар. Централен регистар ги прави достапни податоците до сите заинтересирани корисници согласно член 14 од Законот за Централен регистар каде е утврдено дека ‘податоците од Централниот регистар можат да ги користат органите на државната управа, сите физички и правни лица, домашни и странски, освен ако за некои од нив поинаку не е определено со закон или со Договор’“.

    На прашањето, пак, која е причината за кривичната пријава против „Таргет груп“, од институцијата велат:

    „Во Вашите прашања го споменувате ‘Таргет груп’, а за истиот се води кривична постапка покрената во 2016 година од страна на МВР за основано сомнение за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, а по утврдената злоупотреба од страна на МВР беше покрената и истрага и ОЈО отвори предмет против ‘Таргет груп’. Во интерес на истрагата за сите дополнителни прашања можете да побарате одговор од Јавното обвинителство“.

    „360 степени“ се обрати до обвинителството од каде добивме одговор дека предметот и по шест години се уште е во предистрага (а не во истрага, како што велат од Централен регистар, што статусно е сосема различна фаза во една постапка). Се чека на анализи и вештачења пред да се донесе одлука што понатаму.

    „Надлежниот јавен обвинител, согласно обезбедените докази во предметот, издаде Наредба до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР да изврши анализа на бројот на навлегување во базата на Централниот регистар, обем на повлечени податоци и вредноста на податоците кои се прибавени на овој начин. Откако ќе бидат доставени резултатите од наредената анализа, јавниот обвинител ќе донесе одлука за  натамошното постапување“,

    ни одговорија од Јавното обвинителство.

    И од „Таргет груп“ го чекаат исходот, но потсетуваат дека кривичната пријава во моментов не значи ништо и дека кривична пријава може да поднесе секој против секого.

    „Поднесена кривична пријава не значи и осуда, а исход од кривичната  пријава на која се повикува ЦРРСМ нема ниту до денеска. ‘Таргет груп’ ниту е осуден, ниту му е изречена забрана за вршење на дејност“,

    вели адвокатката Павлевска.

    Зошто е важен случајот?

    На прв поглед, спорот меѓу „Таргет груп“ и Централниот регистар може да наликува на обичен спор меѓу приватен субјект и државна институција. Но, не е баш така. Базата на Централниот регистар, која патем се полни со податоци за кои секоја фирма плаќа кога се регистрира, нешто менува или известува, е единствена од тој тип во државата. Ако Регистарот арбитрарно носи одлуки – кому ќе му продава, а кому не или под кои услови, се наметнуваат сериозни дилеми. Дали, на пример, адвокат смее да купи повеќе податоци од Централниот регистар за да ги обработи и за одреден надомест потоа да советува клиент кој се двоуми дали да соработува со некоја фирма? Дали експерт смее да купи повеќе податоци за да прави анализа, од која потоа ќе заработи?

    Морално право на „Таргет груп“ им дава фактот што истите услуги ги нудат и за пазарите во Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора, а притоа немаат никакви проблеми со тамошните централни регистри. Зад нив стои и дел од бизнис-секторот, меѓу кои и првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

    Трајан Ангелоски, претседсател на Сојузот на стопански комори

    „Овие информации се јавни и затоа сметаме дека секаква нивна анализа, обработка и коментирање не му штети никому, туку може да даде една вистинска информација за состојбата во која се наоѓа одреден економски субјект или економски сектор. Обработката на финансиските податоци на правните субјекти е присутна во речиси сите земји од Европа и речиси во сите земји од Европа постојат компании кои вршат дополнителна анализа, обработка и препродажба на овие податоци“,

    вели Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.

    Според него, не станува збор само за употребната вредност на анализите што бизнис-секторот ги добива од компании како „Таргет груп“, туку и за принцип.

    „На крајот на краиштата, веројатно, тоа било идејата на законодавецот. Доколку сметал дека тие податоци треба да бидат тајни, ќе ја имавме се уште претходната Служба на општествено книговодство. Сметам дека анализата, коментирањето и обработката на податоците претставува апсолутно коректна постапка и не му штети никому. Бидејќи, ако тие податоците не смеат да се коментираат и обработуваат, на пример, сите новинарски написи за фирми и економски сектори, можете ли да замислите како ќе изгледаат? Тогаш ние воопшто нема да имаме економски вести и луѓето ќе ги оневозможиме од едно многу битно нивно право – а тоа е достапноста на информации од економски карактер“,

    додава Ангелоски.

    Според документ до кој дојде „360 степени“, на слична линија било и Министерството за финансии во 2020 година. По спроведен надзор над Централниот регистар, токму по жалба од „Таргет груп“, се констатира:

    „Министерството за финансии оценува дека Корисникот на податоци не смее добиените податоци да ги продава или препродава како такви, необработени, поединечно, делумно или целосно. Но, доколку Корисникот на податоци ги обработува добиените податоци, односно со обработката креира додадена вредност на истите, цениме дека истиот треба да има право да ги продава таквите обработени податоци без писмена согласност од Централниот регистар“.

    И покрај ваквиот став на Министерството за финансии, се си останало по старо.

    Централен како конкуренција на приватниот сектор

    Од пред две години Централниот регистар воведува нови услуги. Некои многу наликуваат на оние што до скоро ги нудеше само „Таргет груп“. На пример, регистарот сега нуди „Бонитетна оценка“, што конкурира на „Бонитетен извештај“ на „Таргет груп“.

    Ова е само една од причините поради кои приватната фирма поднела и Барање за утврдување на злоупотреба на доминантна позиција на пазарот против Централниот регистар, до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

    „Со предлог-договорот, Централен регистар му наметнува на ‘Таргет груп’ нефер услови на тргување, ограничување на пазарот, условување на склучување на договор со прифаќа на дополнителни обврски што по својата природа или согласно трговските обичаи, не се во врска со предметот на договорот“,

    пишува во Барањето на „Таргет Груп“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

    На Комисијата за заштита на конкуренцијата и требало повеќе време за да донесе одлука. На крај, го отфрлила барањето на „Таргет груп“, но не затоа што оцениле дека приватната фирма не била во право, туку затоа што „дејствијата опишани во барањето не се прекршок од истиот закон (за заштита на конкуренцијата)“. Затоа, Комисијата го известува „Таргет груп“ дека решиле случајот против Централниот регистар да го препратат до Основниот кривичен суд во Скопје. Меѓу другото, Комисијата сметала дека Судот е оној што треба да одлучи дали одговорното лице на Централниот регистар треба да се казни со глоба од неколку илјади евра, бидејќи не овозможило слободен пристап до податоците на Регистарот.

    Основен кривичен суд – Скопје

    Но, Основниот кривичен суд оценил дека Комисијата е таа што треба да донесе одлука за евентуална казна пред предметот да дојде кај нив, па случајот го вратиле назад. Така што, во моментов има три спора меѓу Централниот регистар и „Таргет груп“. Еден е повторениот пред Комисијата за заштита на конкуренцијата. Друг спор има пред Управниот суд, каде „Таргет груп“ се жали на првичната одлука на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Третиот спор е постапката во јавното обвинителство, каде и по шест години од кривичната пријава на Централниот регистар нема одлука дали таа се отфрла или ќе напредува во истрага.

    Исходот од овие постапки е егзистенцијално прашање за „Таргет груп“, а можеби и за дел од раководството на Централниот регистар. Принципот што ќе преовлада, пак, е важен за целата јавност и економијата во земјава.

    извор / фото: „360 степени”

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично