Македонија се наоѓа на пресвртна точка – предизвици на домашен терен, но и отворена врата кон Европската унија. Реформската агенда 2024–2027 година, поддржана од Европската комисија, е јасен патоказ за трансформација на економијата и општеството, со конкретни цели и очекувани резултати.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панел-дискусијата „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“, што се одржа во рамки на 28. Евроазиски економски самит во Истанбул.
Реформи за граѓаните, не само за членство
„Овие реформи не ги спроведуваме само заради европското членство, туку пред сè заради сопствените граѓани – за подобар животен стандард, поквалитетни јавни услуги и стабилна економска иднина“, порача министерката.
Таа потсети дека последните неколку години беа обележани со серија кризи – пандемија, енергетска криза, ценовни шокови – што наметнаа силна фискална интервенција. Сега, приоритет станува фискалната консолидација: постепено намалување на дефицитот и задолженоста, со цел одржливост на јавните финансии на долг рок.
„Фискалната консолидација мора да се спроведе паметно – со контрола на тековните трошоци, но не на сметка на капиталните инвестиции кои генерираат економски раст“, додаде Димитриеска-Кочоска.
Битка со неформалната економија и зголемена наплата
Министерката посочи дека меѓународните партнери ги препознаваат напорите на Владата. Меѓународниот монетарен фонд, во последната мисија, ја истакнал определбата за справување со сивата економија. Веќе се забележуваат први резултати – расте наплатата на одредени даноци, а се засилува и контролата врз акцизните стоки на царина.
Цел: европски стандарди и затворање на поглавјата
Димитриеска-Кочоска нагласи дека стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ. Министерството за финансии и останатите ресори работат на усогласување со европските стандарди и затворање на поглавјата во преговорите.
„Сите реформи се во срцето на пристапните критериуми. Одиме по правиот пат, но мораме побрзо и поодлучно. Добрата вест е што во ниту една сфера не сме заглавени – секаде има план и активности во тек“, рече таа.
Македонија и Турција со пријателски односи
Во рамки на Самитот, министерката присуствуваше и на свеченото отворање каде порача дека заедничките идеи и соработка се клучни за надминување на глобалните предизвици. Таа ја нагласи важноста од меѓусебна поддршка, особено во контекст на пријателските односи меѓу Македонија и Турција.
Претходно, во Анкара, Димитриеска-Кочоска оствари средби со турските министри за финансии и трговија, Мехмет Шимшек и Омер Болат.