Во разговор на мобилните телефони се минати 1.409.062.356 минути. Тоа е шестмесечниот скор направен од 1.919.695 активни претплатници. Пресметките велат, просечно дневно се реализирале по 7.828.124 минути разговор.
Од резиденцијалните, 679.245 се при-пеид, а 992.157 пост-пеид претплатници. Деловни пост-пеид претплатници има 248.293. А, пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) имале 1.549.967 претплатници. Последните податоци од Агенцијата за електронски комуникации се однесуваат за движењата во првата половина од годинава.
На овој пазар во тесна конкурентска трка се А1 Македонија и Македонски Телеком.
Од аспект на вкупниот број претплатици предноста е кај А1 Македонија, со удел од 47,9 проценти. Следи Македонски Телеком со 46,57 проценти. Понатаму се редат Лајкамобајл со 3,05 проценти, Телекабел со 1,29, МТЕЛ со 1,08 проценти и Греен мобиле со 0,11 отсто пазарен удел.
Македонски Телеком е подобар, однносно најдобар во остварените приходите од обезбедените мобилни комуникациски услуги во малопродажбата. На крајот од второто тримесечје доминира со 49,96 проценти. Кај А1 Македонија се забележани 46,93 проценти. Овде МТЕЛ има 1,39 проценти, Телекабел 0,88, Лајкамобајл 0,71 и Греен мобиле 0,13 проценти.
Во функција се и 449.868 фиксни линии. Преку нив е остварени телефонски сообраќај од 16.943.729 минути.