ПОВЕЌЕ

    ЦУК: Од 11 пожари на отворено, активен останува само пожарот кај Белица

    Време зa читање: 2 минути

    До 18 часот денеска на територијата на државата биле евидентирани вкупно 11 пожари на отворено, од кои еден е сè уште активен, еден е ставен под контрола, а девет се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Активен останува пожарот во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица, каде што гори нискостеблеста вегетација. На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица од Македонски Брод и ЈП „Јасен“, а во гаснењето е најавено вклучување и на два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

    Под контрола е пожарот во Општина Брвеница, кај селото Милетино, каде што била зафатена ниска вегетација.

    Во текот на денот се изгаснати девет пожари. Интервенции имало кај селото Кучково во Општина Ѓорче Петров, кај селото Црквино во Општина Велес, кај селото Црвени Брегови во Општина Неготино, кај селото Стојаково во Општина Богданци и кај селото Добрејци во Општина Струмица, каде што горела ниска, односно нискостеблеста вегетација.

    Изгаснат е и пожарот кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Општина Крива Паланка, како и пожарот кај селото Царевиќ во Општина Прилеп, каде што огнот зафатил ниска вегетација во шумски предел.

    Надлежните служби интервенирале и кај селото Нов Караорман во Општина Карбинци, каде што биле зафатени жито и деградирана ниска вегетација, како и кај селото Смојмирово во Општина Берово.

    Од ЦУК информираат дека надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен и интервенираат по сите пријави.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично