ПОВЕЌЕ

    Мицкоски од Брвеница: На Македонија и требаат нови успеси, резултати и проекти, а не поделби, затоа во недела ве повикувам да го заокружите бројот 1

    Време зa читање: 4 минути

    Премиерот Христијан Мицкоски, на завршниот предизборен митинг во Брвеница, ја обвини ДУИ дека се обидува да ги мобилизира гласачите преку етнички и верски поделби, наместо со конкретни проекти и решенија за проблемите на граѓаните. Тој порача дека на Македонија ѝ се потребни резултати, нови инвестиции во локалната инфраструктура и услови што ќе ги задржат младите во државата.

    Мицкоски повика на поддршка за кандидатот за градоначалник Стојанче Радичевски на гласањето на 1 ноември, нагласувајќи дека Брвеница треба да биде општина за сите нејзини жители, независно од националната, верската или политичката припадност.

    „На Македонија не ѝ се потребни нови поделби, ѝ се потребни успеси. Не ѝ се потребни изговори, потребни се резултати“, порача премиерот.

    Во обраќањето тој оцени дека политичките противници од коалицијата предводена од ДУИ ги отвораат етничките прашања кога немаат конкретни решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

    Според Мицкоски, долгогодишното учество на ДУИ во власта било проследено со прашања за тендери, привилегии и поврзаност со одредени бизнис-кругови. Тој побара од партијата да објасни што направила за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

    „Сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. А кога политичарите работат за себе наместо за народот, штетата тогаш ја плаќаат сите“, истакна Мицкоски.

    Премиерот ги спореди и резултатите од претходните влади во кои учествувала ДУИ со активностите на актуелната Влада. Тој тврдеше дека во периодот на учество на ДУИ во власта не биле реализирани проекти за Брвеница, додека сега, според него, се градат спортски сали, се реновираат училишта, се уредуваат спортски игралишта и се асфалтираат патни делници.

    „Колку проекти направија за Брвеница? Нула, нула проекти“, рече Мицкоски, критикувајќи го претходното владеење.

    Посебен акцент во говорот стави на иселувањето на младите, посочувајќи дека многумина од Брвеница размислуваат да заминат во Германија, Швајцарија, Австрија и други западноевропски држави во потрага по подобри плати и поголема економска сигурност.

    Тој нагласи дека како претседател на Владата има обврска да создава услови во кои младите ќе можат да напредуваат преку сопствениот труд, да основаат семејства и да инвестираат во Македонија.

    „Да се борам за Македонија да стане земја во која заминувањето нема да биде нужност, туку избор“, рече премиерот.

    Зборувајќи за потребите на локалното население, Мицкоски посочи дека земјоделците, стопанствениците, работниците и семејствата во Брвеница очекуваат пристојни услови за живот, безбедни патишта, чиста вода, уредени училишта и функционални јавни услуги.

    Според него, развојот на една општина не треба да се оценува само според изградената инфраструктура, туку и според довербата меѓу граѓаните и односот на институциите кон нив.

    Во делот посветен на меѓуетничките односи, премиерот раскажа за своја посета на Теново, каде што во непосредна близина се наоѓаат црква и џамија. Тој пренесе разговор со локален жител кој му посочил дека христијаните и муслиманите со генерации живеат заедно и меѓусебно се почитуваат.

    Мицкоски порача дека изборите ќе завршат, но жителите на Брвеница, Теново, Радиовце, Седларце, Милетино, Челопек и другите населени места ќе продолжат да живеат едни покрај други.

    Тој повторно ги обвини политичките противници дека преку поделби придонесуваат за иселувањето на младите, нагласувајќи дека заминувањето на децата подеднакво ги погодува македонските и албанските семејства.

    Во говорот Мицкоски се осврна и на трагедијата во модуларната болница во Тетово, повикувајќи се на одлука на Врховниот суд од 22 октомври. Тој тврдеше дека со одлуката биле ослободени лица блиски до раководството на ДУИ и го постави прашањето за правдата и одговорноста во овој случај.

    На крајот од обраќањето, премиерот побара поддршка за Стојанче Радичевски, упатувајќи повик до гласачите од различни политички партии и етнички заедници да гласаат за неговата кандидатура.

    Мицкоски го заврши говорот со пораката дека на државата ѝ се потребни политичари што ќе понудат решенија и конкретни резултати, наместо нови поделби.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично