
Од ВМРО-ДПМНЕ изразија благодарност до сите граѓани кои присуствуваа на одбележувањето на 36-годишнината од формирањето на партијата на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.
„Десетиците илјади граѓани кои беа дел од настанот испратија силна порака на единство, заедништво и поддршка. Нивната доверба е нашата најголема сила и мотив да продолжиме уште поодлучно да работиме за напредокот на Македонија“, велат од партијата.
Оттаму посочуваат дека во текот на изминатите 36 години партијата се соочила со бројни предизвици, но останала доследна на своите принципи и вредности.
„Идејата на ВМРО, поставена пред 133 години, живее и денес преку политиките и заложбите на ВМРО-ДПМНЕ. Како организација создадена од народот и за народот, остануваме посветени на интересите на државата и граѓаните“, наведуваат од партијата.
Во освртот на досегашните резултати од владеењето, од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека се реализираат значајни инфраструктурни и развојни проекти, меѓу кои инвестиции во патната и железничката инфраструктура, изградба и реконструкција на студентски домови, поддршка за младите, зголемување на платите и пензиите и мерки за поттикнување на економскиот раст.
„Македонија денес има развојна перспектива, нови проекти и конкретни мерки кои го подобруваат животниот стандард на граѓаните. Продолжуваме со инвестиции во образованието, здравството, детската заштита, спортот и инфраструктурата, паралелно со одговорно управување со јавните финансии“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека остануваат целосно посветени на економскиот развој, подобрувањето на животниот стандард и создавањето нови можности за младите.
„Македонија се исправува чекор по чекор. Сега е време да забрза. Тоа е нашата обврска“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Аналитика








