
Растот е поттикнат пред сè од преработувачката индустрија, а Владата го поврзува со мерките за поддршка на домашните компании и кредитната линија од 230 милиони евра.
Македонија бележи раст на индустриското производство од 7,6 проценти во 2026 година во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, соопшти денеска пратеникот Бојан Стојаноски.
Според него, кумулативните податоци за 2026 година покажуваат дека индустриското производство се наоѓа во позитивна зона и бележи раст од 0,2 проценти.
Стојаноски оцени дека резултатите се особено значајни ако се земе предвид состојбата во дел од европските економии, каде индустриската активност е забавена, а во некои земји производството бележи пад.
Тој посочи дека растот е резултат на економските политики и мерките за поддршка на стопанството што ги спроведува Владата во изминатиот период.
Како една од клучните мерки ја наведе кредитната линија од 230 милиони евра наменета за домашните компании, за која рече дека овозможила инвестиции во нова опрема, проширување на производствените капацитети и зголемување на производството.
„Кога државата стои зад домашните компании, резултатите се видливи. Расте производството, расте индустрискиот промет и се создаваат услови за нови работни места“, истакна Стојаноски.
Според него, особено значаен е придонесот на преработувачката индустрија, која има најголемо учество во создавањето додадена вредност и во извозот на земјата.
Стојаноски порача дека Владата ќе продолжи со мерките за поддршка на домашната економија, со цел поттикнување на инвестициите, отворање нови работни места и обезбедување повисок економски раст.
Аналитика








