Пензионерите добиваат можност за полесен пристап до пари. Од денес започнува со работа првото финансиско друштво во Македонија специјализирано исклучиво за кредитирање на пензионери. Во понудата на Пензионерскиот Кредитен Центар се готовински кредити без жиранти, со едноставна процедура, брза обработка на барањата и можност за исплата истиот ден.
„Со пензионирањето не смее да престане правото на активен, достоинствен и исполнет живот. Токму затоа ја препознавме потребата од поголема финансиска и социјална вклученост на пензионерите, со цел да им помогнеме да останат активни, самостојни и достоинствено да ги задоволуваат своите секојдневни, но и вонредни потреби“, изјави за Пари директорот на Пензионерскиот Кредитен Центар, Јован Јанев.
Барање за кредит може да поднесе секој пензионер, бидејќи, според информациите од друштвото, нема старосно ограничување, ниту ограничување врз основа на утврден минимален износ на пензија.
„Истражувањата покажуваат дека голем дел од пензионерите немаат парична заштеда, поради што често живеат со чувство на финансиска неизвесност и страв од непредвидени трошоци.
Ние сакаме да ја промениме таа слика. Пензионерски Кредитен Центар е тука да им понуди брз и едноставен пристап до кредити во износ до неколку илјади евра, со кои ќе можат полесно да ги решаваат секојдневните финансиски предизвици, но и да се справат со непредвидените животни ситуации. Нашата цел не е само да обезбедиме финансиска услуга, туку да им дадеме на пензионерите поголема сигурност, слобода и можност за поквалитетен живот“, нагласува Јанев.
Возраста не треба да биде пречка за финансиска самостојност. Без разлика дали се потребни дополнителни средства за непредвидени трошоци, уредување на домот, здравствени потреби, помош на семејството или остварување на личните планови, пензионерите заслужуваат еднаков пристап до финансиските услуги, сметаат од ПКЦ.
Зад новото финансиско друштво стои и искуството на Прво пензионерско микрокредитно друштво АД Бања Лука, основано во 2012 година и специјализирано за кредитирање физички лица, со фокус на пензионерите. Досега има услужено над 30 илјади лица. Моделот е заснован на разбирање на потребите на повозрасните корисници, на едноставни процедури и индивидуален пристап.
Во сопственичката структура на ПКЦ како сопственици се заведени Јован Јанев, Перица Врбоски, Зоран Најдановиќ, Немања Крецељ, Весна Тодоровиќ, како и Прво пензионерско МКД. Бањалучкото друштво има 51 отсто сопственички удел, односно контролен пакет во македонската компанија.
Финансиските податоци за матичното друштво покажуваат дека во првото полугодие од 2026 година биле остварени нето-приходи од камати и слични приходи од околу 522,7 илјади евра, нето-приходи од надоместоци и провизии од 77,9 илјади евра и нето-добивка од 319,3 илјади евра.
Новооснованото друштво, пак, ќе дејствува како посебен правен субјект под локалната регулатива, што обезбедува целосна прилагоденост со македонското законодавство.
Пензионерски Кредитен Центар е со адреса во центарот на Скопје, на улицата „Даме Груев“, наспроти Градската болница.
Подетални информации за кредитите и условите под кои се одобруваат, може да се добијат на телефонскиот број 13-400.
Аналитика








