ПОВЕЌЕ

    ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме омразата и песимизмот да станат национална идеологија

    Време зa читање: 2 минути

    ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да се откаже од, како што наведува, борбата Македонија да стане економски просперитетна, праведна држава и место во кое граѓаните ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи и да се создава иднина.

    Од партијата посочуваат дека секоја генерација Македонци се соочувала со свои предизвици. Претходните генерации се бореле за слободна и самостојна држава, почнувајќи од Илинденското востание и Крушевската Република во 1903 година, па сè до првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

    Според ВМРО-ДПМНЕ, обврската на денешната генерација политичари е да ја зачува државата и да создаде услови во кои граѓаните ќе можат да работат, да основаат семејства и да ја градат својата иднина во земјата.

    Од партијата обвинуваат дека одредени политички структури, наместо да се натпреваруваат со идеи, концепти и програми, шират лаги, омраза и песимизам и создаваат впечаток дека Македонија не може да успее и дека единствениот избор за младите е да ја напуштат државата.

    „ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се откаже од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење, заеднички дом за сите и држава со иднина“, се наведува во соопштението.

    Партијата порачува дека нема да прифати нови отстапки во однос на националните и идентитетските прашања на евроинтегративниот пат и ги повикува граѓаните да не потпаѓаат под влијание на политичките пораки со кои, според нив, се поттикнуваат поделби и недоверба.

    Во соопштението се наведува дека покрај економската борба за повеќе инвестиции и подобри услови за живот, потребно е да се врати довербата во институциите, да се зајакне владеењето на правото и да се води одлучна борба против криминалот.

    Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нивните политички противници на државните успеси гледаат со цинизам, а дел од нив ги обвинуваат дека „секој викенд се на јахти“ и дека договараат нови отстапки за да дојдат на власт.

    Како една од најважните цели, партијата ја посочува изградбата на држава во која законите ќе важат еднакво за сите, трудот ќе се цени, а младите нема да бидат принудени да заминуваат во странство.

    „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи омразата и песимизмот да станат национална идеологија, туку заедно со народот ќе останеме исправени, обединети и достоинствени“, се наведува во партиското соопштение.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично