Со три удари на ѕвончето, пред 29 години беше означен почетокот на работењето на Македонската берза. На тогашниот 28 март беше целосно заокружен проектот во чија реализација учествуваа група пазарно ориентирани ентузијасти. Без нив, основањето и последователното функционирање на Берзата немаше да биде возможно, велат од Берзата денес.
Во историјата на оваа институција останува меморирано дека на тој прв ден на тргување во 1996 година, по пат на „отворено извикување” биле склучени 25 трансакции со осум различни хартии од вредност. А, првиот остварен промет бил во износ од 1,1 милион денари.
„Од тие почетоци до денес, Македонска берза има визија да биде ефикасен, сигурен и транспарентен пазар на хартии од вредност и интегрален дел од финансискиот систем на нашата држава. Со засилено темпо продолжуваме напред“, порачуваат од Македонска берза.