Зелениот енергетски бран што преку финансиски стимулации и кредитни поволности се шири низ земјава, не се мери само во мегавати, туку и во милиони евра приход и профит. Производството на електрична енергија од обновливи извори, кое на почетокот се наметна како еколошка определба за општо добро, се претвора во конкретен, исплатлив бизнис.
Во услови на засилени инвестиции во фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали, секторот што се потпира на сонцето, ветерот и водата лани остварил приход од 127 милиони евра, што е за 16,16 насто повеќе во споредба со претходната година. Износот е генериран од 540 компании, а податоците од Бизнис Мрежа покажуваат дека нивниот заеднички профит се зголемил за само 2,33 насто, достигнувајќи го прагот од 25 милиони евра. Во просек, секоја од фирмите има заработка од околу 46 илјади евра.
Од анализата на Пари произлезе дека обемот на работа во секторот се проширува, но профитабилноста не го следи истиот интензитет – приходите растеле речиси седумпати побрзо од добивките.
Воедно, во дејноста се ангажирани 435 лица, само шест повеќе од претходната година. Со други зборови, производството на електрична енергија е капиталноинтензивна, а не трудоинтензивна дејност. Освен тоа, бројот на фирми е поголем од бројот на вработени. Просечната плата е во износ од 43.795 денари и за една година се зголемила за 12,34 насто.

Извор: Бизнис Мрежа
ОД ИЛЈАДИ ВО МИЛИОНИ ЕВРА – ПРИХОДИ СО РАСТ ОД 19.992 НАСТО
Околу 49,3 насто од сите приливи во дејноста се канализирани кон десетте најголеми компании, кои во овој сегмент имаат остварување од вкупно 62,6 милиони евра. Нивниот заеднички приход е проследен со годишен раст од 22 насто.
На врвот останува, и е далеку пред останатите, ЕВН Македонија Електрани, со приход од 17,2 милиони евра и раст од 14,64 насто.
Второто место го носи и најголемото изненадување. Од прекланските нецели 43 илјади евра, Калтун енерџи лани привлекла 8,6 милиони евра. Состојбата е променета за речиси 20 илјади насто. Тоа, пак, веројатно се должи и на новиот капацитет – турскиот инвеститор лани почна производство во ветерната централа лоцирана во демиркапискиот Дрен.
Приходите кај сите компании се милионски, а во првата половина од табелата се уште Тхор импекс со 7,6 милиони евра (+ 20,21 %), Осм солар со 7 милиони евра (– 0,84 %) и Хелиоцентрум со 5,4 милиони евра (+ 46,37 %).
Четири компании лани регистрирале намалени приходи. Најголемиот пад од 34,28 насто се случил во Меј енерџи, што во апсолутен износ претставува разлика од 2,2 милиони евра. Кај другите фирми стапките се пониски: Ген-И сонце со – 9,62 %, Вардар био процес со – 8,90 % и Осм солар со – 0,84 %.

Извор: Бизнис Мрежа
ДОБИВКАТА НА ЕВН ОД 11,3 МИЛИОНИ ЕВРА Е БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА
Вкупната добивка на топ 10-те најпрофитни компании достигнала 15,4 милиони евра. Износот е за 24,19 насто повисок од претходниот за 2024 година, а претставува и над 61 насто од вкупната добивка во секторот.
Сепак, сите фирми профитот лани го броеле во илјадници евра, а исклучок повторно е ЕВН Македонија Електрани. Има добивка од 11,3 милиони евра, што е 73,4 насто од профитот на топ 10-те компании и речиси половина (45,2 %) од заработката во дејноста претставена со 540 компании.
Струмичкиот Хелиоцентрум, кој произведува зелена енергија и инвестира во сопствени соларни капацитети, има добивка од 967,7 илјади евра. Потоа следуваат Централ инвест со над половина милион евра, Хидро енерџи гроуп со 477,5 илјади евра и Горно белички извори со 459 илјади евра.
Кога се зборува за процентите, со раст од 227,11 насто се издвојува АЕ солар инвест од Тетово, која покрај домашни проекти веќе гради и „ready-to-build“ капацитети и соработува со меѓународни партнери во развој на фотоволтаични системи. Исто така, тука се и Хелиоцентрум (+ 145,94 %), Б&Х солар енерџи (+ 87,53 %) и ЕВН (+ 56,65 %).
Состојбата во доменот на добивката е влошена кај Централ инвест (– 79,09 %), Футуре енерџи (– 29,11 %), Монтинг енергетика Тиквеш (– 15,81 %) и кај Горно белички извори (– 12,69 %).

Извор: Бизнис Мрежа
Зелената енергетска транзиција е процес што трае. Простор за развој на бизнисот постои, но и покрај стотиците субјекти, пазарната динамика засега ја диктираат десетина доминантни чинители.

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








