Регистрирани се 43 случаи на западнонилска треска во земјава, а болеста веќе е евидентирана и во скопските општини Центар и Чаир. Министерот за здравство, Сашо Клековски, информира дека 40 случаи се дефинитивно потврдени, додека три се потврдени со еден тест.
„Од последната прес-конференција досега регистрирани се два нови случаи во Центар, еден во Чаир и еден во Аеродром, на границата кон руралниот дел. Клиничката слика е стандардна, нема промени во тој дел“, изјави Клековски.
Покрај случаите кај луѓе, во Скопје е пронајдена и првата мртва птица позитивна на западнонилска треска. Станува збор за гавран, а неговото откривање е дел од системот за следење на ширењето на вирусот.
„Мртвите птици се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, по што се прави натамошното лоцирање на ризикот од западнонилска треска“, посочи министерот.
Клековски денес се сретнал со градоначалниците од Скопје и од Скопскиот Регион, со цел да се утврдат ризичните точки, бидејќи „комарците не ги почитуваат границите меѓу општините“.
„Во моментов работиме со 34 ризични подрачја од кои 13 се високоризични. Тоа е видливо и на сателитски снимки“, рече Клековски.
Според него, при утврдувањето на ризикот се земаат предвид два критериума – застојана вода и високо ниво на органска материја. Како типични ризични места ги посочи каналите за наводнување во Скопско Поле и мртвите делови од реките.
Меѓу конкретните локации што се следат се Серава во Арачиново и Бутел, каналите во Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ, главниот канал во Илинден, каналите во Драчево, Батинци и Студеничани.
Но, листата на ризични места не завршува со каналите. Министерот наведе дека се идентификувани и септичките јами, гробиштата и депониите за стари гуми како места погодни за размножување на комарците.
„Ако не се соодветно чувани, старите гуми се идеални престојувалишта за комарците“, предупреди Клековски.
Дел од потенцијално опасните места се многу помали и тешко забележливи. Станува збор за расипани хидранти, саксии со вода, стари буриња во кои се собира дождовница, но и други места каде што водата подолго време стои.
Клековски посочи дека ризик може да има и кај скршени јавни чешми, како и при неправилното полевање на парковите.
Во однос на мерките против комарците, министерот уверува дека се користат средства препорачани од Светската здравствена организација.
Аналитика








