Украинскиот бизнисмен Вадим Ермолаев, кој заедно со своето семејство беше повреден во експлозија пред својот дом во Монако минатиот месец, ја обвини Разузнавачката служба на украинското Министерство за одбрана за вмешаност во обидот за атентат врз него и неговото семејство. Во писмо објавено од неговите адвокати, Ермолаев тврди дека доказите укажуваат на директна вмешаност на службеници од Главната дирекција за разузнавање на украинското министерство за одбрана.
Иако е под санкции од декември 2023 година, тој изрази благодарност до претседателот Зеленски за вниманието посветено на неговиот случај.
Ермолаев повика на независна истрага и заштита на неговото семејство. Истрагата доведе до притворање на двајца осомничени, вклучувајќи активен офицер на Одбранбените разузнавачки служби, кој соработуваше со властите.
Во својата прва изјава по експлозијата, тајкунот рече дека „нема сомнение“ дека „службени офицери од главната разузнавачка дирекција на војската за одбрана на Украина“ го координирале бомбашкиот напад.
58-годишниот магнат за недвижности се враќал дома со својот син и долгогодишната партнерка Ана Насобина (46) на 29 јуни кога бомба експлодираше низ неговиот луксузен стан. Ранец со експлозивна направа, полн со метални шрапнели, експлодираше во фоаето на зградата. Ермолаев рече дека експлозијата била „доволно моќна за да ги искине челичните огради и да ги уништи камените скали пред нашиот дом“.
Насобина ги загубила обете нозе – повреда што олигархот ја опиша како „катастрофална и неповратна“ – додека рече дека неговиот мал син претрпел „изгореници, фрактури и тешка траума“.
Тој додаде: „Останувам на интензивна нега и дури сега го започнувам долгиот процес на закрепнување. Ова не беше предупредување. Тоа беше обид да се убие не само мене, туку и моето семејство.“
КОЈ Е ВАДИМ ЕРМОЛАЕВ?
Мултимилионерот го стекнал своето богатство како инвеститор во недвижности во Днепар, централна Украина.
Ермолаев ја напуштил земјата со сопругата и двете деца, станувајќи државјанин на Кипар во 2019 година.
Украинската служба за безбедност (СБУ) го ставила на список од 84 државјани за кои се сомневала дека избегале од земјата.
По распадот на Советскиот Сојуз, тој ја основал „Алеф груп“, која се занимавала со производство на вино и алкохолни пијалоци на Крим.
Неговата компанија ја изградила највисоката зграда во Украина, комплексот „Брама“ во Днепар.
Во декември 2023 година, Украина воведе санкции врз мултимилионерот, замрзнувајќи дел од неговиот имот.
Како и многу олигарси кои се збогатиле по распадот на Советскиот Сојуз, тој се соочил со обвинувања за криминал, вклучително и перење пари, што тој ги негира.
Ермолаев има четири деца – две момчиња и две девојчиња – со сопругата Ана Ермолаев, која е стоматолог и се бави со хуманитарна работа.
Во последниве години, семејството живееше луксузно во Монте Карло, каде што имаат многу висок профил.
Ермолаев беше познат по тоа што го паркираше својот автомобил Бентли со украински регистарски таблички пред плоштадот на казиното во Монте Карло.
Тој исто така поседуваше супер јахта што пловеше под украинското знаме и поседуваше вила со висок степен на обезбедување во блискиот Сен-Жан-Кап-Фера.
ОДМАЗДА НА ДРЖАВАТА ИЛИ МАФИЈАШКА ПРЕСМЕТКА?
Околу стотина украински олигарси избегаа од војната со Русија за да живеат на Француската ривиера, вклучително и во Монако.
Експлозијата на бомба ја потресе богатата енклава во Монако, јужна Франција, која претходно имаше една од најниските стапки на криминал во светот.
За неколку дена, Интерпол идентификуваше осомничен – жена со тетоважи од змија, која се преправила во маж за да го постави смртоносниот уред.
Снимките од безбедносните камери на местото на настанот покажуваат маж како го остава ранецот во луксузниот стан пред да избега од местото на настанот. Машкиот бомбаш всушност е Анастасија Березовска (39), опасна проруска соработничка.
Таа избегала од местото на злосторството во Франција и избегала низ Италија, Германија и Полска пред да влезе во Украина. Но, на 6 јули била пронајдена мртва во шума во близина на Киев со четири рани од куршуми во задниот дел од главата.
Поранешниот шпион, Владислав Ројт, и сегашниот член на украинската тајна служба, Виталиј Жикович, беа уапсени под сомнение за убиството на жената. Двајцата вршеле банкарски трансфери и плаќања со криптовалути на Березовска пред нејзината смрт.
Поранешниот и сегашниот шпион дејствувале на своја рака, според украинските обвинители, но Вадим Ермолаев верува дека повисоки личности се вклучени во прикривање. Во изјава објавена од неговите адвокати, тој рече: „Заговорот се прошири надвор од директните сторители и организатори и вклучи службеници на ХУР (Украинска агенција за воено разузнавање, н.з.) поврзани со нив, вклучувајќи лица блиски до сегашното и поранешното раководство на агенцијата.“
Тајкунот не даде докази за своите наводи. Тој додаде дека неговата изјава „не е насочена ниту против Украина ниту против украинскиот народ“.
Аналитика








