
Парите на клиентите остануваат на нивните сметки, АЛТА банка АД Битола продолжува да работи, но повлекувањето и префрлањето средства се одвива со ограничувања. Граѓаните можат да користат најмногу 10.000 денари неделно преку платежните картички, додека компаниите привремено не можат да префрлаат пари надвор од Банката. Народната банка појаснува дека воведената привремена администрација не значи затворање или стечај на АЛТА банка, туку заштитна мерка што треба да ја зачува нејзината стабилност и средствата на штедачите до разрешување на сопственичката состојба.
Причината за интервенцијата, според Народната банка, не произлегува од финансиската состојба на македонската банка, туку исклучиво од случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество – „Алта банка“ АД Белград.
Од централната банка нагласуваат дека АЛТА банка АД Битола е ликвидна, високо капитализирана, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди. Нејзината дозвола за работа не е одземена, ниту е отворена стечајна постапка.
Привремената администрација подразбира дека управувањето со имотот и работењето на Банката го преземаат лица именувани од Народната банка. Мерката треба да остане во сила до разрешување на сопственичката состојба, односно до промена на сопственоста.
За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за одлив од сметките преку картичките на Банката. Овој износ може да се користи за подигнување готовина и за плаќања кај трговци.
Сепак, внатрешните плаќања од сметките на граѓаните кон други физички и правни лица што имаат сметки во АЛТА банка остануваат неограничени.
За компаниите ограничувањата се построги. Тие можат да извршуваат плаќања во неограничен износ, но исклучиво кон сметки во рамките на истата банка. Привремено не се дозволени трансфери кон други банки преку домашните платни системи, ниту подигнување готовина од банкомати и шалтери.
Кај меѓународните трансакции, приливите од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство продолжуваат непречено. Одливните плаќања кон странство, пак, привремено се недостапни и за граѓаните и за компаниите.
И покрај ограничувањата, кредитокорисниците имаат обврска редовно и навремено да ги отплаќаат своите кредити.
Народната банка посебно нагласува дека привремената администрација не претставува активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити.
Штедните влогови на физичките лица и натаму се осигурени до законски утврдениот износ од 30.000 евра, но воведената мерка нема карактер на постапка за затворање на Банката.
Целта на ограничувањата, како што објаснува централната банка, е да се спречи нагло и масовно повлекување средства што би можело да ја загрози ликвидноста и интересите на останатите штедачи и доверители.
Народната банка најавува дека континуирано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од натамошниот развој на настаните.
Воедно, апелира до граѓаните да се информираат од официјални извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации.
Пораката на Народната банка е дека АЛТА банка продолжува да функционира, но под привремена администрација и со ограничен одлив на средства, сè додека не се разреши прашањето за нејзината сопственост.
Аналитика








