ПОВЕЌЕ

    Забавува градежната офанзива: пад од 38 % во април – издадени 291 дозвола

    Време зa читање: 2 минути

    Издадени се 291 градежна дозвола во текот на април. На годишно ниво интересот за градње е намален, затоа што има пад од 38 отсто кај дадените одобренија. Пониска за 41,8 отсто е и предвидената вредност на објектите, која изнесува 4,58 милијарди денари или 74,4 милиони евра. Во фокусот на инвеститорите е високоградбата, најголем дел од проектите се лоцираат во Скопскиот и во Полошкиот регион, а во државата ќе се изградат 722 станови со вкупна корисна површина од 65.663 квадратни метри.

    Според податоците од Државниот завод за статистика, од вкупно 291 издадено одобрение, најголемиот дел – 208 или 71,5 проценти се однесуваат на високоградбата. За нискоградба се издадени 27 дозволи (9,3 %), а 56 (19,2 %) се за реконструкција.

    Кога станува збор за инвеститорите, физичките лица доминираат со 197 проекти (67,7 %), но деловните субјекти носат значително поголема вредност на инвестициите. Иако имаат помал број проекти (94), тие учествуваат со над 3,2 милијарди денари (52,1 милион евра) од вкупната предвидена вредност.

    Според споредбените индекси со истиот месец лани, вкупниот број дозволи е на ниво од 62 проценти, а вредноста на инвестициите е уште пониска – 58,2 проценти од претходниот април.

    Најголем пад е забележан кај реконструкциите од 50,9 и кај нискоградбата за 26 проценти. Високоградбата, иако исто така бележи намалување, сепак е најстабилен сегмент со индекс од 81,6.

    Регионалната статистиката покажува дека најмногу одобренија се издадени во Полошко – 83. Со 72 дозволи следи Скопскиот Регион, кој има убедлива предност од аспект на вредноста на инвестициите во износ од Скопски регион – 1,99 милијарди денари или 32,4 милиони евра. Градежната активност во Вардарскиот Регион ќе биде поткрепена со 732,9 милиони денари (11,9 милиони евра), а во Полошкиот со 588,4 милиони денари (9,6 милиони евра).

    Најслаба активност е регистрирана во Североисточниот Регион со само 3 одобренија и вредност од 11,8 милиони денари вредност, односно 191,8 илјади евра.

    Во април, со дадените дозволи, се планира изградба на 722 станови, од кои најголем дел се двособни (246), трособни (240) и четворособни (99). Најголемиот дел од нив ќе имаат адреса во и околу главниот град – 261 стан. Во Југозападниот Регион ќе се изградат 154, а во Вардарскиот 138.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично