ПОВЕЌЕ

    ЗА НОВИ СТАНБЕНИ КРЕДИТИ ИМА НИСКИ КАМАТИ, за старите каматите сѐ уште се високи

    Време зa читање: 6 минути

    Добрата вест што ја носат статистичките податоци од Народната банка е дека во првите два месеци од оваа година паѓа просечната каматна стапка на новоодобрените станбени денарски кредити од страна на банките. Во февруари таа изнесува 2 насто, а во јануари 3,29 насто, што е драстичен пад во однос на декември лани, кога изнесуваше 7,66 насто, и во ноември, кога изнесуваше 8,41 насто. Пониска е и во однос на просекот од 3,16 насто во февруари и 3,45 насто во јануари 2023 година. Најверојатно, ова се должи на вредни обезбедувања на кредитот поради кои каматната стапка е ниска.

    Просечната каматна стапка на станбените кредити во девизи е повисока од денарската и во февруари изнесува 3,88 насто, слично како и во февруари минатата година (3,63 насто).

    Сепак, лошата вест е дека просечната каматна стапка на вкупните станбени кредити, што значи и на веќе одобрените, во февруари оваа година изнесува 3,82 насто и покажува нагорен тренд во однос на претходните речиси три години. Последен пат оваа каматна стапка била над нивото од 3,80 насто во ноември 2019 година.

    Со рекордно високите цени на становите и со покачените каматни стапки на кредитите, купувањето станбен простор во земјава навистина претставува луксуз. И покрај тоа, побарувачката за станбени кредити од страна на граѓаните не се намалува.

    Затоа,  порталот „Пари“ ги анализира актуелните понуди на станбени кредити од страна на банките од аспект на висина на каматни стапки и висина на месечна рата за кредит од 75.000 евра (4.600.000 денари) со рок на отплата од 30 години. Со овој кредит би можело да се купи стан во вредност од 100.000 евра, од кои купувачот треба да има веќе обезбедено 25.000 евра за да плати учество, кое, секако, може да биде и помало.

    Анализата покажува дека постои голема конкуренција меѓу банките во понудата на каматни стапки што треба да привлечат клиенти. За првите пет или десет години од отплатата на кредитот нудат фиксни каматни стапки. Фиксните камати за првите пет години се движат од 3 насто до 3,65 насто, а променливите за останатиот период од отплатата од 6 насто до 7,66 насто. Некои од банките нудат пониски фиксни каматни стапки, но затоа, пак, променливите им се повисоки, така што е тешко да се издвои која комбинација е најповолна. Затоа ги презентираме станбените кредити според каматните параметри, а секој може да одлучи дали повеќе му се исплати првите пет години да има пониска рата, а потоа повисока ако каматните стапки останат на сегашното ниво, односно ако не се случи надолен тренд во некој иден период.

    Во април трае промотивниот период на станбениот кредит од Централна кооперативна банка, кој се нуди без трошоци за обработка и процена, и со фиксна камата од 3,20 насто за првите пет години и променлива камата од 4,70 насто за наредниот период, при што мора да биде обезбеден со винкулирана ризико полиса или со полиса за животно осигурување. Во моментов е со најповолни каматни стапки.

    Станбениот кредит во евра од Халк банка има фиксна каматна стапка од 3,5 насто за првите 5 години или 3,85 насто за првите 10 години, а потоа се пресметува променлива стапка, која сега изнесува 6,004 насто и не смее да падне под 4 насто. Променливата каматна стапка од Халк банка во моментов е најниска на пазарот, но фиксната не е. Кредитот од оваа банка е без провизија за обработка и мора да биде обезбеден со полиса за животно осигурување.

    Супер станбениот кредит од ТТК банка, пак, има најниска фиксна каматна стапка, од 3 насто за првите пет години, додека променливата каматна стапка за останатиот период на отплата изнесува 6,885 насто и е повисока од понудата на повеќе други банки. Овие каматни стапки важат за кредит обезбеден со полиса за животно осигурување. До 31 мај овој кредит е без трошоци за обработка и администрирање.

    Шпаркасе банка нуди станбен кредит со фиксна каматна стапка од 3,3 насто за првите две години, а 3,69 насто за првите 10 години, додека во останатиот рок пресметува променлива каматна стапка којашто почнува од 6,155 насто и зависи од кредитниот рејтинг на клиентот.

    Станбениот кредит од Комерцијална банка е со фиксна каматна стапка од 3,3 насто во првите пет години или 3,75 насто за 10 години, а за останатиот период банката пресметува променлива каматна стапка од 6,185 насто до 6,385 насто. Овие каматни стапки важат за кредит со вклучено животно осигурување.

    Силк роуд банка нуди станбен кредит со фиксна каматна стапка од 3,7 насто во првите десет години, а во останатиот период е со променлива камата од 5,50 насто и бара полиса за осигурување.

    Станбениот кредит од УНИ банка е со фиксна каматна стапка од 3,7 насто за првите 10 години, а потоа банката пресметува променлива камата од 6,13 насто.

    Станбениот кредит од НЛБ банка, пак, има промотивен период до 31 мај, во кој банката не наплаќа трошоци за процена и одобрување на кредитот. Во првите пет години го нуди со фиксна каматна стапка од 3,65 насто, а за период од 10 години фиксната каматна стапка изнесува 4,15 насто. Каматната стапка за останатиот период од отплатата изнесува 7,461 насто.

    ПРОЛЕТТА ЗАПОЧНА СО ПРОМОЦИИ И ПОНИСКИ КАМАТНИ СТАПКИ: Која банка нуди најевтин потрошувачки кредит?

    Прокредит банка нуди станбен кредит со идентична фиксна каматна стапка како и НЛБ, од 3,65 насто во првите 5 години, а за 10 години фиксната камата изнесува 3,95 насто. Но, за останатиот период на отплата на кредитот, каматната стапка од Прокредит е нешто повисока и во моментов изнесува 7,6 насто.

    Стопанска банка – Скопје има промотивен период за станбен кредит до 30 јуни 2024 година, во кој го нуди без административни трошоци и трошоци за процена и нотар, како и со фиксна каматна стапка од 3,4 насто во првите пет години, односно 3,9 насто за првите 10 години. Ова важи за примачи на плата во банката и за кредит со вклучено животно осигурување. Променливата каматна стапка за останатиот период на отплата изнесува 7,66 насто.

    Во Стопанска банка АД Битола нудат станбен кредит со ризико полиса за осигурување со фиксна камата за првите 8 години, која изнесува 4 насто, додека променливата камата за останатиот период изнесува 8,379 насто.

    Еве што покажуваат пресметките, кои сепак се приближни, а официјални се само тие што ќе ги пресметаат банките врз основа на поднесено барање за кредит.

    Станбен кредит во износ од 75.000 евра со рок на отплата од 30 години

    ЧИТАЈТЕ И: КОЈА БАНКА НУДИ НАЈЕВТИН ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТ?

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично