ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА:Зголемувањето на минималната плата носи отказни решенија

    Време зa читање: 4 минути

    Првата асоцијација кога ќе се спомне терминот минимална плата потсетува на некоја синдикална организација која таинствено е поврзана со актуелната власт, одреден временски период прави разни собири и протести со намера да ги заштити правата на работниците, а после извесен период буквално ги нема никаде. Таквите организации можеби се последниот сегмент од социјалистичкиот период и будат одредено ниво на енергија кај повозрасната популација. Овој ендемски вид е тотално промашена инвестиција во модерното капиталистичко уредување и нивните политики и залагања се целосно погрешни и не ги следат актуелните случувања. Единствениот бенефит од нивното постоење е тоа што нивните членови добиваат “канта сирење”, за која не се свесни дека ја имаат 10 плати претплатено преку синдикалните месечни задршки. Вистинско чудо е како сеуште функционираат овие организации и кој стои позади нивната правна формација. Можеби подобра формулација е чии интереси бранат и за какви цели се инфилтрираат во дневната политичка сцена?

    Во истражувањата на познатиот економист Јозеф Сабиа се наведува дека не постојат статистички докази дека зголемувањето на минималната плата доведува до намалување на вкупната стапка на сиромаштија или стапката на сиромаштија кај работниците. Постојат најмалку 2 причини зошто е тоа така: 

    1. Минималните плати ја намалуваат достапната работа за работниците со ниско ниво на вештини.

    Доколку се зголеми нивото на минималните плати голем број на компании може да се определат за супституирање на одредени работни места со автоматизација. Пример некој маркет може да се одлучи сите касиерки/и да ги замени со автоматска наплата. На тој начин голем број на ниско квалификувани луѓе ќе ја загубат својата работа, а таквиот ефект ќе има негативен одраз врз вкупниот разположлив доход. Голем број на емпириски анализи покажале дека зголемувањето на минималните плати за 10% доведува до намалување на вработеноста кај ниско квалификуваната работна сила за 1-3%.

    1. Многу мал број на корисници на минимална плата живеат во сиромашни семејства

    Иако овој податок изгледа чуден, сепак статистичките податоци говорат дека во опсегот со минимални примања влегуваат само 10-15% од сиромашното население. Голем е бројот на оние кои земаат минимална плата, а сепак не спаѓаат во онаа група на сиромашно население. Ваквиот синдром најдобро се отсликува во нашата економија каде огромен е бројот на сопственици на компании кои со цел да избегнат даночни оптоварувања се пријавуваат на минималец. Ваквата слика никако не ја отсликува реалноста и претставува сериозен проблем во даночната регулатива и односот кон одредени фаворизирани групи.

    Од ваквите согледувања заклучокот е дека синдикалните организации се чисто манипулативни здруженија кои одработуваат за одредена политички партии. Нивните “успеси” за зголемување на минималните примања се само евтин извор на избирачки гласови. Од друга страна негативниот ефект може да биде уште поголем ако се земе предвид фактот што зголемувањето на минималните плати ќе доведе до притисок на инфлаторните елементи. Компаниите соочени со зголемени трошоци ќе настојуваат да ги зголемат цените на своите производи, а тоа ќе се ефектира и врз зголемување на трошоците за живот. Со тоа работниците само фиктивно ќе имаат повеќе пари во своите џебови, додека фактичката ситуација е дека нема да бидат побогати.

    Слободната пазарна економија не учи дека за секого има место под ова небо и дека самите треба да го пронајдеме патот кон успехот, без разлика во која мера е истиот соодветен за различна индивидуа. Се додека постои верба во  некоја организиција која во својот симбол има срп и чекан нема да има напредок на поединците. Неопходно е да се превземат радикални промени во доедукација и преквалификација на работниците како би можеле да одговорат на тековните потреби на пазарот на труд. Новото време бара брзи и структурни промени во навиките и преференциите на вработените. Таквите елементи веќе стануваат формалност кај помладите генерации, но проблемот во македонската економија е кај оние работници со над 50 години, иако веќе и кај нив голем е бројот на оние кои се трансформирале и адекватно се прилагодиле на новитетите. За нив минималната плата е ограничување, а не поволност и да се надеваме дека нема времето да биде единствениот лек кој ќе ја реши ваквата ситуација…

    Р П

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично