ВТОР ПОЖАР ВО СКИ-ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА ГОДИНАВА СО ЖРТВИ: Во хотел во Улудаг настрадал турски скијачки олимпиец и неговиот татко

Време зa читање: 2 минути

Во пожар во затворен хотел во ски-центарот Улудаг во северозападна Турција утринава загинаа олимписки скијач и неговиот татко, два месеци откако пожарот во друг турски зимски центар остави 79 мртви.

Жртвите беа именувани како Јахја Уста, претседател на турската асоцијација на наставници по ски и сноуборд, и неговиот 25-годишен син Беркин, скијач кој ја претставуваше Турција на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година. Јахја Уста, неговиот син и сопругата престојувале на петтиот кат во хотелот, јави Асошиејтед Прес.

Хотелот Кервансарај во Улудаг, провинцијата Бурса, бил празен од гости кога избувнал пожарот во 5:30 часот, но биле присутни 12 вработени, соопшти кабинетот на гувернерот на Бурса. Неколку лица кои претрпеле вдишување чад биле хоспитализирани.

30 години стариот хотел бил затворен на почетокот на јануари кога му беше откажана дозволата за работа, додаде канцеларијата на гувернерот.

Телевизиските снимки покажаа дека пламенот брзо го зафатил шесткатниот хотел, лоциран на падините на една од најпопуларните скијачки дестинации во Турција, на помалку од три часа возење од Истанбул.

Во јануари 12-катен хотел во ски-центар во северозападна Турција се запали за време на училишен одмор, при што загинаа 79 лица.

Обемот на пожарот и бројот на загинати биле влошени поради отсуството на детектори за чад, автоматски прскалки, функционални аларми за пожар, функционални светла за излез за итни случаи и други мерки за заштита од пожари.

Пожарот, во хотелот Гранд Картал во Карталкаја, во планините Короглу во провинцијата Болу, исто така започна во трпезаријата на хотелот.

Државната новинска агенција Анадолу во средата објави нови апсења поврзани со пожарот во Болу, со што бројот на лица во притвор кои чекаат судење се искачи на 28.

14,794Следи нè на facebookЛајк

слично