Пазарната капитализација на Македонска берза во декември изнесувала 351.088.371.522 денари. Или 5,7 милијарди евра. Овој вкупен износ на сите хартии од вредност е достигнат по месечното зголемување од 11,56 проценти.
Најголемиот удел го имаат десетте најтргувани акции. Придонесуваат со 265.896.185.191 денар, односно со 4,3 милијарди евра. Во тоа друштво на најмоќните според вредноста на акциите, се издвојуваат банките од големата тројка. Тука се и најголемите од дејностите фармација и телекомуникациски услуги.
Kолкава е пазарната капитализација на друштвата чии акции во декември биле најтргувани?
Комерцијална банка е единственото друштво што котира на Берзата, со пазарна капитализација од над една милијарда евра. По принципот на понудата и побарувачката, ова ниво најатрактивната акција за инвеститорите го достигна на средината од минатиот месец. А, на последниот ден од декември емитуваните 2.279.067 акции имаа вредност од 64.817.440.363 денари, што е еднакво на 1,05 милијарди евра. Просечната декемвриска цена на оваа акција беше 27.413,47 денари.
Обичната акција на Стопанска банка Скопје беше вреднувана со просечни 2.611,06 денари. Банката има издадено 17.460.180 обични и 227.444 приоритетни акции. А, пазарната капитализација е 51.917321.425 денари, односно 844,2 милиони евра.
Пазарната капитализација на НЛБ Банка изнесува 47.966.004.478 денари или 779,9 милиони евра. Толкава е вредноста на сите 854.061 акција. На официјалниот пазар декември го заврши со просечна цена од 55.465,94 денари.
Најголемата и најуспешна фармацевтска компанија има издадено 1.431.353 обични акции. Според интересот за купување, ова е втората најтргувана акција, која во декември имаше просечна вредност од 27.880,97 денари. Пазарната капитализација на „Алкалоид“ е 40.435.722.250 денари или 657,5 милиони евра.
Следи „Македонски телеком“. Бројната состојба на издадените хартии од вредност е 95.838.780, кои во денари вредат 38.335.512.000, а во евра 623,3 милиони. Во текот на последниот месец од минатата година акцијата имаше просек од 400,05 денари.
Фондот на емитувани хартии од вредност на „Макпетрол“ го сочинуваат 112.382 акции, чија вкупна вредност на крајот од декември е 10.427.801.036 денари. Во евра – 169,5 милиони. Месечниот просек на оваа акција беше 89.943,45 денари.
Акцијата на „Гранит“ во декември постигна просечна цена од Скопје 1.728,61 дена. Градежната компанија емитувала 3.071.377 обични акции, а нивната вкупна вредност на крајот од 2024 е 5.709.689.843 денари/92,8 милиони евра.
Во декември акцијата на „Реплек“ се вброи меѓу петте најтргувани, при што оствари просек од 15.420,57 денари. Сите издадени акции се во износ од 4.302.287.136 денари/69,9 милиони евра. Инаку, оваа акција стана составен дел на МБИ10.
А, пак, од составот на основниот берзански индекс излезе акцијата на УНИ банка. Во декември имала просечна цена од 7.304,08 денари. Банката емитувала 545.987 обични акции, а нивната вкупна вредност е во износ од 3.872.609.353 денари или 62,9 милиони евра.
Турбулентна беше втората половина од минатата година за „Македонијатурист“, од аспект на битката за превласт во сопственичката структура, која драстично се измени. Цената за акција имаше подеми и падови, а декември го заврши со просек од 9.984,35 денари. Пазарната капитализација на компанијата е 3.821.487.150 денари, односно 62,1 милион евра, колку што е вредноста на сите 452.247 акции.
М.А.