ПОВЕЌЕ

    ВОЈНАТА И ЕНЕРГИЈАТА ЈА ХРАНАТ ИНФЛАЦИЈАТА: Светска банка предупредува на нова криза

    Време зa читање: 4 минути

    Новиот глобален скок на цените на енергијата, најсилен од почетокот на војната во Украина, повторно ја става светската економија под силен притисок, а инфлацијата се заканува повторно да се разгорува. Светска банка предупредува дека геополитичките тензии на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со нафта создаваат шок што веќе се прелева врз храната, индустријата и финансиските пазари, со особено тешки последици за сиромашните земји и ранливите домаќинства.

    Според најновите проценки, цените на енергијата годинава ќе пораснат за 24 проценти, достигнувајќи највисоко ниво од 2022 година, додека вкупните цени на суровините ќе се зголемат за 16 проценти. Главен двигател на овој бран е нафтениот шок предизвикан од прекините во Ормутскиот теснец, низ кој минува повеќе од една третина од глобалната поморска трговија со сурова нафта. Последиците веќе се чувствуваат – цената на Брент нафтата во април беше повеќе од 50 проценти повисока од почетокот на годината, а просечната цена за 2026 се проектира на 86 долари за барел, значително над ланските 69 долари.

    Од Светска банка предупредуваат дека ударот нема да застане само на енергијата. Повисоките цени на горивата веќе ги туркаат нагоре трошоците за производство, транспорт и храна, а паралелно растат и цените на ѓубривата, кои годинава се очекува да скокнат за 31 процент. Особено загрижува растот на цената на уреата од околу 60 проценти, што отвора ризици за земјоделското производство и безбедноста на храната. Анализите предупредуваат дека, доколку конфликтот се продлабочи, до 45 милиони луѓе би можеле да западнат во акутна несигурност со храна.

    Главниот економист на Светска банка, Индермит Гил, оценува дека светската економија се соочува со кумулативен удар – прво преку енергијата, потоа преку храната, а потоа и преку повисока инфлација и поскапо задолжување. Според него, најсилно ќе бидат погодени најсиромашните, кои најголем дел од приходите ги трошат токму на основни прехранбени производи и горива.

    Покрај енергијата и храната, нов притисок доаѓа и од пазарите на метали. Цените на бакарот, алуминиумот и калајот се очекува да достигнат рекордни нивоа, поттикнати од побарувачката од секторите поврзани со центри за податоци, електрични возила и обновливи извори на енергија. Истовремено, скапоцените метали продолжуваат да поскапуваат како засолниште за инвеститорите во услови на геополитичка неизвесност, со очекуван раст на цените од 42 проценти.

    Овој нов бран поскапувања директно ќе ја засили инфлацијата. Во економиите во развој, таа сега се проектира на просечни 5,1 процент, што е цел процентен поен над претходните прогнози, а во негативно сценарио би можела да достигне и 5,8 проценти. Паралелно, растот во овие економии се ревидира надолу на 3,6 проценти, што дополнително ја засилува загриженоста дека поскапувањата би можеле да го забават глобалното закрепнување.

    Извештајот предупредува дека ризиците може дополнително да ескалираат ако конфликтот потрае или ако критична нафтена и гасна инфраструктура претрпи поголеми штети. Во такво сценарио, цената на Брент би можела да достигне просек од 115 долари за барел, што би предизвикало нова лавина поскапувања – од природниот гас до ѓубривата и биогоривата.

    Од Светска банка потсетуваат дека геополитичките шокови денес имаат далеку посилен ефект врз суровинските пазари отколку во минатото. Според анализата, пад од само еден процент во производството на нафта може просечно да ги зголеми цените за 11,5 проценти, а ефектите се прелеваат и на други пазари со околу 50 проценти посилен интензитет отколку во нормални услови.

    Во вакви околности, пораката од институцијата е јасна, владите треба да избегнат широки и скапи субвенции што можат да ги нарушат пазарите и наместо тоа да се фокусираат на таргетирана поддршка за најранливите. Зашто, како што предупредуваат економистите, ова не е само енергетска криза, туку потенцијален нов глобален инфлаторен бран со последици врз растот, сиромаштијата и социјалната стабилност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично