ПОВЕЌЕ

    Странската побарувачка ги „заплетка конците“ на Ветекс – приходите пониски за 6,7 отсто

    Време зa читање: 2 минути

    И покрај зголемената продажба на домашниот пазар, Ветекс не успеал да го избегне падот на приходите, предизвикан од намалената странска побарувачка. Во првите три месеци од годинава, во велешката компанија се слеале 105,8 милиони денари, за 6,7 отсто пониски од истиот период лани.

    „Приходите се остварени од продажба на конец за плетење на домашен и странски пазар. Намалувањето на вкупниот приход е резултат на намалена побарувачка на нашите производи од странските деловни партнери. Освен редовните приходи, се остваруваат и останати приходи од штети од осигурување на основните средства и приходи од камати“, посочуваат од Ветекс.

    Производите на Ветекс се продаваат на пазарите во повеќе европски држави, како Германија, Австрија, Италија, Данска, Холандија, Франција, Швајцарија. Од извозот во првиот квартал се приходувани 102,5 милиони денари. Во овој сегмент е забележан пад од 8,98 отсто.

    Продажбите на домашниот пазар, пак, донеле приходи повисоки за над 318 насто – од 704 илјади (прв квартал лани) на 2,9 милиони денари.

    Истовремено, пониски се и трошоците за 6,5 отсто, а износот на крајот од март е 100,2 милиони денари. Намалувањето на расходите, велат од компанијата, е резултат на намаленото производство.

    Крајниот ефект од спроведените деловни активности е добивката од 4,8 милиони денари.

    „Исполнувањето на планот за производство до крајот на тековната година ќе се одвива според барањата на пазарот и техничките можности и капацитетот на претпријатието, а ќе се вложува во осовременување на основните средства“, наведуваат од Ветекс.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично