ПОВЕЌЕ

    Вертикална интеграција – Процес наменет за големи компании

    Време зa читање: 4 минути

    Кога компанијата започнува да се гради од една нулта точка и прераснува во голема корпорација, пред менаџментот се отвара можност за спроведување на процес на вертикална интеграција. Самиот поим во разговорно објаснување претставува процес во кој компанијата инвестира значителна сума на средства, технологија и време со цел да ги заобиколи своите добавувачи. Во основа вертикалната интеграција значи купување или создавање нови помали компании преку кои ќе се обезбедуваат потребните материјали/суровини/услуги и на тој начин целиот процес на креирање на одреден производ или услуга ќе биде во рамките на заедничка сопственичка структура.

     

    Пример да земеме некоја голема градежна компанија која сака да изврши вертикална интеграција во своите процеси, иако можеби скоро и да не постои 100% интегрирање (успешно вертикално интегрирање значи и интегрирање на најбитните сегменти од процесот. Во пракса тоа треба да биде над 70%). Во нашиов пример земена е градежната индустрија како сегмент каде има значителен пораст во обем и каде условите дозволуваат меѓународно ширење на дејноста. Од друга страна, избраниот примерок и процесите кои делуваат интерно се целосно спротивни на вертикалната интеграција, со оглед на тоа што инвеститорите скоро целосно ги градат објектите по познатиот пат на компензација, барем кога е во прашање македонското стопанство. Се разбира, нашите компании се далеку од обемот на работа на компаниите каде се применува овој процес, но добро е да се има основа каде се движат странските мултимилионски корпорации. Исто така, мора да се напомене дека под поимот градежни компании не се подразбира само фирми кои прават станови, туку и компании чија дејност е изградба на автопати, големи деловни и комерцијални обејкти(болници, факултети).

    Процесот на вертикална интеграција во градежна компанија би започнал со обезбедување на земјиште за сепарација на песок, со оглед на тоа што истиот се користи во голем дел различни фази од изградбата, понатаму купување на компанија за производство на цигли, развивање на сопствена лабараторија за производство на бетон, компанија за градежни активности (ѕидање, фасада, молерски работи), компанија за производство на стакларија(прозорци, врати) и секако обезбедување на компанија за производство на железо. Во последните години актуелно е и организирање на служби за чистење и одржување на објектите, компанија која се занимава со внатрешно уредување, дизајн и столарија, како и посебна компанија која се занимава со маркетинг, издавање на обејктот и негова максимална искористеност во рамки на еколошките и здравствени стандарди.

     

    Преку ваквиот начин на организирање на работата на компанијата се постигнува висок степен на независност од аспект на кооперантски односи со добавувачи, поголема контрола над трошоците, како и врз квалитетот на инпутите. Со анулирање на профитните маржи на добавувачите, трошковниот аспект на инвестицијата се претвара во профитен центар. Од друга страна, успешно спроведените процеси на вертикална интеграција доведуваат до елиминација на преголемите залихи, се подобрува способноста за диференцијација, како и подобар пристап до пазарните информации.

    Она кон што се стреми процесот на вертикална интеграција е повисок степен на контрола врз производството(без разлика во каков облик се појавува) задоволување на потребите на одредена целна група на клиенти или пазарни сегменти и намалување на ризикот од работење во услови на нестабилни или несигурни извори на набавка.

     

    Стратешките посебности на вертикалната интеграција и успешното спроведување на филозофијата за диференцијација се прикажуваат преку трансформацијата на компанијата во  гломазна и трома структура со одредено ниво на нефлексибилност. Таквите компании често ја губат адаптибилноста, односно способноста за прилагодување на промените, меѓутоа максимално ја користат економијата од обем и оптимизирањето на трошоците. Се смета дека ваквите процеси се најадекватни доколку се спроведуваат со цел компанијата да се води по тој курс на среден рок, а после извесен период добро ќе биде да се направи преструктуирање во зависност од пазарните услови, до што не мора и да дојде. За тоа колку и во колкави размери е примелива оваа стратегија говори и еден од најпознатите примери за успешно спроведување на вертикалната интеграција – најпопуларната платформа за серии и филмови Netflix.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично