
Биткоинот повторно ја загуби психолошки важната граница од 60.000 долари, достигнувајќи го најниското ниво од октомври 2024 година. Најголемата криптовалута во светот продолжува да трпи силен притисок од глобалните економски случувања, слабеењето на довербата во крипто-пазарот и пренасочувањето на капиталот кон други, попривлечни инвестиции.
Во текот на средата цената на биткоинот падна за повеќе од четири проценти и се спушти на 59.548 долари, а во еден момент достигна и минимум од 59.023 долари. Ова е третпат од почетокот на годинава биткоинот да се тргува под нивото од 60.000 долари.
Пазарните аналитичари оценуваат дека криптовалутата веќе осум месеци се движи во таканаречен мечкин пазар. Освен макроекономските фактори, дополнителен притисок создава и фактот што инвеститорите сè повеќе го насочуваат капиталот кон технолошките компании поврзани со вештачката интелигенција, атрактивните иницијални јавни понуди и новите пазари за предвидување.
Во исто време, инфлациските притисоци поврзани со конфликтот во Иран ја принудуваат Федералната резерва да остане фокусирана на рестриктивната монетарна политика, што дополнително ги намалува апетитите за поризични средства како криптовалутите.
Неизвесност има и на регулаторен план. Американскиот CLARITY Act, закон што треба да воспостави појасни правила за функционирањето на крипто-пазарот, има уште неколку недели за да ја помине клучната законодавна процедура пред летната пауза на Конгресот. Доколку тоа не се случи, неговото усвојување најверојатно ќе биде одложено за есен, што дополнително ја зголемува неизвесноста кај инвеститорите.
Сепак, и покрај актуелниот пад, аналитичарите сметаат дека сегашниот циклус е значително помалку драматичен од претходните крипто-зими.
„Биткоинот повеќе не е толку нестабилен како во минатото. Денес има многу поголема ликвидност и значително поголемо институционално учество, па затоа и падовите и растовите се помалку екстремни“, вели Сем Калахан, директор за стратегија и истражување во компанијата OranjeBTC.
Дополнителен сигнал за внимателноста на инвеститорите е движењето кај биткоин ETF-фондовите. Од нив оваа недела се повлечени околу 182 милиони долари, а фондовите се на пат да ја забележат седмата последователна недела со нето-одлив на капитал.
Како резултат на тоа, вкупната вредност на средствата што ги управуваат биткоин ETF-фондовите се намали на 77,5 милијарди долари, што е значителен пад во споредба со околу 113 милијарди долари на крајот од минатата година.
Аналитика








