
Волстрит соборува рекорди, технолошките компании јаваат на бранот на вештачката интелигенција, а инвеститорите со месеци уживаат во растот на акциите. Но, зад доброто расположение на берзите се појавува ризик што може целосно да ја смени сликата. Инфлацијата повторно одбива лесно да се повлече, приносите на американските државни обврзници растат, а на пазарот сè почесто се слуша нов збор – „Трампфлација“.
Зад него стои стравувањето дека комбинацијата од трговските, енергетските и надворешнополитичките потези на американскиот претседател Доналд Трамп може повторно да ги засили ценовните притисоци во американската економија. А, ако инфлацијата остане висока, најголемата опасност за инвеститорите не е само поскапувањето – туку одговорот на Федералните резерви.
Американските берзи годинава стигнаа до рекордни нивоа. Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq Composite добија силна поддршка од добрите корпоративни резултати, но уште повеќе од огромниот инвеститорски ентузијазам околу вештачката интелигенција. Сега, токму во момент кога вреднувањата на акциите се високи, инфлацијата повторно се наметнува како еден од клучните ризици.
Податоците покажуваат зошто пазарот е нервозен. Инфлацијата мерена во период од 12 месеци се зголемила од 2,4 отсто во февруари на 4,2 отсто во мај, пред во јуни да се намали на 3,5 отсто, делумно благодарение на пониските цени на суровата нафта и горивата. Но, базичната PCE-инфлација, која ги исклучува храната и енергијата и е еден од показателите што внимателно ги следи ФЕД, во јуни изнесувала 3,3 отсто, само малку под мајските 3,4 отсто. Тоа и понатаму е значително над целта на Федералните резерви од два отсто.
Дополнителен проблем е што нема само еден извор на инфлациски притисок.
Еден од нив се царините. Повисоките давачки за увезените производи и компоненти ги зголемуваат трошоците на американските компании. Дел од компаниите можат да го апсорбираат тој удар преку сопствените маржи, но дел од повисоките трошоци на крајот завршуваат во цените што ги плаќаат потрошувачите.
Вториот ризик доаѓа од енергетските пазари и геополитичките тензии на Блискиот Исток. Секој посилен раст на цените на енергијата може да се прелее врз транспортот, производството и храната, а оттаму и врз пошироката инфлација.
Но, можеби најинтересниот дел од целата приказна е третиот фактор – вештачката интелигенција.
Истата технологија што е еден од главните двигатели на берзанскиот раст истовремено може да создава нов ценовен притисок. Експанзијата на вештачката интелигенција носи огромна побарувачка за чипови, сервери, дата-центри, електрична енергија и друга инфраструктура. Во записникот од јунскиот состанок на Федералниот комитет за отворен пазар било наведено дека базичната инфлација кај стоките е повисока во однос на една година претходно, делумно поради царините и ценовните притисоци поврзани со вештачката интелигенција.
Токму тука се појавува необичен парадокс за Волстрит: вештачката интелигенција ги турка акциите нагоре, но истовремено може да придонесува за инфлација која би го натерала ФЕД да води построга монетарна политика.
А тоа е сценариото од кое инвеститорите најмногу стравуваат.
Доколку инфлацијата упорно остане над целта, Федералните резерви би можеле подолго да ги задржат каматните стапки на високо ниво или повторно да посегнат по нивно зголемување. Високите камати по правило не се добра вест за акциите: идните профити на компаниите стануваат помалку вредни во сегашни услови, а обврзниците и готовината стануваат поконкурентни како алтернатива за инвеститорите.
Сигнал дека ова сценарио веќе не се смета за незамисливо пристигна и од самиот ФЕД. На состанокот на 28 и 29 јули, тројца од 12-те членови со право на глас се изјасниле за зголемување на каматната стапка за 0,25 процентни поени. Според Economic Times, тоа е првпат од септември 2016 година тројца креатори на монетарната политика истовремено да издвојат ист став во иста насока.
И пазарот на обврзници испраќа предупредување. Приносите на долгорочните американски државни обврзници, вклучително и десетгодишните и триесетгодишните, бележат значителен раст. Тоа покажува дека инвеститорите сè уште не се убедени дека битката со инфлацијата е завршена.
Проблемот за Волстрит е што сето ова доаѓа во чувствителен момент. Акциите се високо вреднувани, задолжувањето за купување акции е зголемено, а компаниите поврзани со вештачката интелигенција веќе зад себе имаат силен раст. Истовремено, неизвесноста околу царините и енергијата останува, додека приносите на обврзниците се движат нагоре.
Тоа не значи дека пад на берзата е неизбежен. Американските пазари многупати во минатото покажале дека можат да продолжат да растат и покрај лошите вести. Но, колку се повисоки цените на акциите и очекувањата на инвеститорите, толку е помал просторот за непријатно изненадување.
Аналитика








