ПОВЕЌЕ

    Суптилни инвеститорски референци преку партија шах

    Време зa читање: 5 минути

    Сте се запрашале ли некогаш која е поврзаноста помеѓу шахот и економијата? Или, како може шаховската табла да се одрази врз одредени економски процеси? На крај, може ли шахот да придонесе за подобро да ги разбереме економските случувања?

    Фигурите на шаховската табла може да се поделат во 5 категории:

    1. Пиони – кои ги претставуваат средната класа/индивидуалци
    2. Кралица – која ја претставува најбогатата класа/милијардери
    3. Топ, Ловец и Коњ – кои ги претставуваат компаниите/бизнис секторот
    4. Крал – кој е претставник на планетата/глобализмот
    5. Противничките фигури – кои се претставници на расположливите ресурси/ добра и услуги

    Размислувајќи за правилата на игра и текот на партијата, доколку подлабоко се навлезе во нивните суштински вредности, на површина излегуваат многу едноставни и универзално применливи елементи кои може да бидат корисни и во бизнис сегментот но и во личното менаџирање со финансиите. Шахот е пример за игра во која владеат совршени информации, а во економијата тие се одлика на совршена конкуренција. Во пазар во кој владеат совршени информации, сите потрошувачи и производители имаат совршено познавање на цените, нивната корист и сопствените трошоци. Во теоријата на игри, состојба на совршени информации се постигнува доколку секој играч при носењето на одлука е совршено информиран за сите настани што предходно се случиле, но тоа не значи дека има комплетна информација. Комплетната информација вклучува информации за знаењето и преференциите на противникот и неговата стратегија, односно игра со совршени информации не мора да реферира на игра со комплетни информации.

    Ако се навратиме на фигурите и нивните однапред определени можни движења и истите ги ставиме во функција на поединечно инвестициско портфолио, а за кои посебно внимание се посветува во книгите и учењата на познатиот писател и инвеститор Мехраб Ирани, ќе забележиме неколку услогласености:

    • Не можеме да победиме само со потези нанапред. Понекогаш во шахот, како и во инвестирањето, а и животот мора да направиме неколку потези наназад. Таквите потези ќе ни дадат дополнително време да одлучиме што понатаму и какви прилагодувања треба да направиме за да ја постигнеме целта. Можеби ќе треба да се направат одредени дополнителни инвестиции во знаење и обука или да научиме да кратиме на трошоци. Сето тоа треба да се прифати како дел од играта.
    • Секој треба да го пронајде своето место. Како што сите фигури имаат свои поединечни карактеристики, можности и траектории на движење, така секој од нас треба да изгради свои преференции , да го открие талентот кој го поседува, да развие вештини за консолидирање на своите јаки страни и да ги минимизира слабостите.
    • Флексибилност. Шахот не учи да размислуваме out of the box, а во текот на играта многу пати ќе се најдеме во ситуација кога мора да се носат креативни решенија како би останале во неа. Размислувајќи надвор од кутијата пронаоѓаме решенија за проблемите на начин кој дотогаш бил непознат за нас, а токму флексибилноста е клучна во такви ситуации. Цитатот од серијалот Македонски народни приказни “домашниот есап на пазар не излегува” е одлична референца за ставање на ригидноста во втор план.
    • Доколку некој направи потег што не го разбирате, не пробувајте да го разберете. Во економијата постои термин ефект на стадо и истиот реферира на донесување или следење на одлуки поврзани со некоја претходна одлука на некој таканаречен финансиски гуру, а во шахот следење на потег на противникот. Никогаш не треба да се следат одредени потези раководејќи се на туѓи искуства, без предходно да ги анализираме и разбереме.

    Крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години од животот обично се посветени на кариера и тука се прават клучните одлуки кои го детерминираат натамошниот кариерен прогрес на индивидуата, идниот општествен и социјален статус, финансискиот сегмент од животот, како и заштедата за пензионерските денови(ако воопшто такви ќе постојат во форма каква што ги знаеме). Во таа насока треба животот да го сфатиме како една партија шах. Партија во која одлуките треба да ги носиме со ладна глава, активно да ги користиме сите расположливи ресурси, да мислиме за идните потези и да учиме од предходните. Партија каде долгорочната стратегија ќе биде стожер на траекторијата, а изнудените потези и размислувањата за потезите на противникот ќе се воланот со кој се управува.

    Ние како портал кој ги третира бизнис одлуките, покрај другото, препораката ќе ја дадеме во насока на одредени финансиски потези кои треба да бидат дел од арсеналот за успешен финансиски ангажман:

    • Градете кредитна историја. Макар тоа да биде и со поседување на кредитна картичка која ќе ја плаќате во целост и со тоа нема да платите камата, а има и начини како да се избегне и годишно членство.
    • Штедете минимум 10% од тоа што го заработувате. Акумулацијата од средства на среден рок ставете ја во функција да генерира дополнителен принос, односно инвестирајте. Но продолжете да штедите, така циклусот побрзо ќе се реализира.
    • Инвестирајте во недвижност. Инвестицијата во недвижности нуди 2 типа на принос, активен (преку издавање) и пасивен (преку зголемена идна вредност)
    • Инвестиција од 3-5% од приходот во пензиски фондови може да направи голема разлика во вредноста на портфолиото на долг рок од 30 години. Одвојте минимум средства за посигурни пензионерски денови, а исто така искористете ја даночната регулатива за дополнителна вредност.
    • Комбинацијата од животно осигурување и инвестициски фонд нуди одлични бенефити од аспект на несакан настан, но во исто време и реална заработка која може позитивно да се рефлектира врз идните парични текови. Практикувајте еднократни годишни уплати за намалување на ангажираноста.

    Сепак,  победите и поразите во шаховската партија не учат дека пионот може лесно да се претвори во кралица, а на крај сите фигури одат во иста кутија.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично