Стабилноста и сигурноста на Стопанска банка Битола е на највисоко ниво. Депозитите на правните лица и на населението се сигурни и постојано растат. Ова го порачуваат од битолската банка, од каде што се огласија првпат откако пропадна понудата за преземање што им беше дадена од Комерцијална банка. А, денес и Комисијата за хартии од вредност донесе решение со кое овој чекор се смета за неуспешен.
„Согласно добиеното Решениe од Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија бр. УП 1/РА1 10-66 од 27.9.2024 година, а во врска со понудата на Комерцијална банка АД Скопје за преземање на акции издадени од Стопанска банка а.д. Битола, ги известуваме клиентите и пошироката јавност дека се утврдува за нeуспешна, а Банката продолжува да функционира како самостоен правен субјект, како и досега, со сите редовни активности“, се вели во нивното обраќање до јавноста.
Како сидро на стабилноста и на натамошните активност се посочува исклучително силната капитална и ликвидносна позиција на Банката.
„Стапката на адекватност на капиталот, којашто е мерка за солвентноста на банката тековно изнесува 26,1% (на крајот од вториот квартал на 2024 година беше 24,57%). За споредба, стапката на адекватност на капиталот на крајот на вториот квартал на годината на ниво на банкарски систем изнесуваше 19,04%, а кај групата на мали банки изнесуваше 20,82%“.
Како што појаснуваат од СТББТ, ова е доказ дека Банката „има висок износ на капитал и резерви, усогласени и натфрлени од капиталните барања на Народната банка и од оние на ниво на банкарски систем“.
Притоа, се нагласува дека нивото на ликвидноста, кое претставува мерка за редовното сервисирање на обврските – е на високо ниво.
„Учеството на високо ликвидна актива во вкупната актива тековно изнесува 40%, што е двојно повисоко од нивото на банкарскиот систем од 21% (со Кв.1 2024 година). Редовната исплата на сите обврски се одвива непречено. Населението продолжува да штеди и да ги орочува своите заштеди во банката, а кредитирањето кое се одвиваше со намалено темпо, ќе се засили во наредниот период“, истакнуваат од СТББТ.
Исто така, во прилог на стабилноста се наведува дека сите финансиски показатели укажуваат на сигурност во работењето. Еден од доказите е позитивниот финансиски резултат остварен во првата половина од годинава, во износ од 51,01 милион денари. Тоа е значително подобрување во однос на состојбата од пред една година, кога Банката забележа загуба од 53,69 милиони денари. Освен тоа, заклучно со 30 јуни е позтигнат позитивен оперативен резултат од 75,92 милиони денари, „што покажува позитивно оперативно работење на Банката“.
Стопанска банка Битола е благодарна за довербата од клиентите и порачува – „Традицијата продолжува“.