
Општина Карпош започна со изградба на нов објект на детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле, инвестиција вредна 137,2 милиони денари, која треба да обезбеди дополнителен капацитет за згрижување на 130 деца.

Новиот објект ќе се гради на улицата „Милан Марковиќ“, на местото на постојната градинка, а проектот е финансиран со средства обезбедени од Владата преку јавен повик на кој Општина Карпош аплицирала со сопствен проект.

Според проектната документација, градинката ќе располага со изградена површина од 1.156 квадратни метри и дополнителни 1.949 квадратни метри наменети за игралишта и зелени површини.

Во новиот објект се предвидени седум занимални со посебни санитарни јазли и тераси, сензорна соба, тоалет за деца со попреченост, административни простории, кабинети, чајна кујна, креативен простор, подземен паркинг, лифт и зелена кровна тераса.
Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, истакна дека станува збор за значајна инвестиција во предучилишната инфраструктура и во условите за развој на најмладите жители на општината.

„Не станува збор само за инвестиција во објект, туку за инвестиција во иднината на најмалите жители, во простор каде што ќе растат, ќе се развиваат и ќе создаваат нови спомени“, изјави Крстевски.
Според договорот, рокот за изградба на градинката е 120 дена.
Изведувач на градежните работи е компанијата „Нексос Инженеринг“ од Скопје, додека надзорот над изградбата ќе го врши „МГ Проект“.
Со реализацијата на овој проект, Општина Карпош очекува да го зголеми капацитетот за згрижување деца и да придонесе кон подобрување на условите во предучилишното образование на својата територија.
Аналитика








