Студентите ќе добиваат ваучери за туризам кои од идната година ќе можат да ги користат при посета на туристичките места во државата. Стартот на реализацијата е најавен за јануари идната година. Тоа е дополнителна мерка насочена кон подобрувањето на студентскиот стандард, но претставува и поддршка за домашниот туризам. За тоа намена ќе се издвојат 64 милиони денари, односно повеќе од еден милион евра и на почетокот ќе бидат опфатени три до четири илјади студенти.
Оваа новина ја соопштија министерите за економија и за образование и наука, Крешник Бектеши и Јетон Шакири, на состанокот со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети.
„Оваа мерка Министерството ја реализира изминатите четири години за работниците со ниски приходи. Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме оваа мерка на Министерството за економија следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија. Вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, а според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети“, изјави Бектеши.
Студентите треба да се мотивираат, со цел да постигнуваат подобри резултати во текот на студирањето, смета Шакири.
„Во минатото имавме повеќе мерки кои ги дискутиравме со сите здруженија на студенти во однос на повисока вредност на субвенционираниот студентскиот оброк, продолжувајќи со повисоки стипендии и сега продолжуваме со поддршка на судентите со ваучери за домашен туризам. Мерката е за поздравување, бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“, наведе Шакири.
Критериумите за добивање ваучери ќе се утврдат во текот на следната недела, а ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.
Со ова се дополнуваат мерките од деветтиот антикризен пакет, кој предвидува 15 илјади студенти, кои студираат надвор од местото на живеење, во седуммесечен период да добиваат поддршка за превоз, односно ваучери во вредност од 600 до 1.200 денари, зависно од трошоците.