ПОВЕЌЕ

    ТУРИСТИЧКИ БУМ: Скопје сè повеќе им конкурира на езерските дестинации

    Време зa читање: 5 минути

    Од 2011 година бројот на туристи во Македонија е во постојан подем. Пред 2011 година тој изнесувал околу 580.000 туристи на годишно ниво, а во 2011 година „скокнал“ на 647.568. Минатата година заврши со двојно повеќе, односно со 1.336.598 туристи.

    Охрабрува тоа што се задржува трендот на раст на туризмот. Најновите статистички податоци покажуваат дека во август годинава во Македонија имало 244.513 туристи што оствариле 934.042 ноќевања. Овие бројки значат дека во август годинава сме имале 8,1 насто повеќе туристи отколку во истиот месец лани и тие оствариле 10,4 насто повеќе ноќевања.

    Позитивен е трендот и за целиот период заклучно со август. Така, во првите 8 месеци од годинава сме имале 985.959  туристи, или 3 насто повеќе туристи во однос на истиот период лани. Тие оствариле 2.694.377 ноќевања, односно 3,7 насто повеќе од истиот период во 2025 година.

    Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги бројките рече дека „она кое што претставуваше наш приоритет за оваа 2026 година во делот на туризмот веќе речиси е постигнато заклучно со август“.

    – Но, она што повеќе ме радува е навистина големиот бум што се случи во летните месеци јули-август и кој траеше и месеците потоа. Бројките се потврда на заложбите на Владата да ги промовира туристичките потенцијали на земјата и на тој начин да привлекуваме туристи. Тука е и договорот кој го потпишуваме со туристички агенции кои носат туристи. Не треба да се заборави и фактот на зголемениот број на патници преку аеродромите – рече Мицкоски.

    Анализата што ја направи „Пари“ открива бројни интересни факти за туризмот во Македонија.

    Државниот завод за статистика има податоци уште од 1956 година. Тогаш во Македонија имало 259.632 туристи, од кои странски 90.756.

    И по осамостојувањето, во првите години имавме повеќе домашни од странски туристи, но од 2011 година тоа се смени. Охрид сè уште е главна туристичка дестинација, но сега Скопје е поблиску до бројките за езерскиот туризам. Сепак, што се однесува до бројот на ноќевања, странските туристи, кажано народски „место не ги држи“.

    СЕ НАМАЛУВА ПРОСЕКОТ НА БРОЈОТ НА НОЌЕВАЊА

    За туристичките работници лоша вест е што се намалува просечниот број на ноќевања по турист. Така, ако во 2011 година 647.568 туристи оствариле 2.173.000 ноќевања, или во просек секој турист се задржал по 3,35 дена, лани 1.336.597 туристи оствариле 3.230.210 ноќевања, или во просек – 2,41 ноќевање.

    Туристичките работници со кои разговаравме велат дека тоа се должи на промената на структурата на гостите. Токму зголемениот удел на странски гости доведува до тоа да има бројни тури каде што гостите, особено во Скопје, се на пропатување, и кај нас се задржуваат на ден-два. Тие велат дека треба да се прават што е можно поголеми напори и да им се понудат повеќе содржини, за да може повеќе да се задржи нивното внимание на нашата земја.

    Очекувано, за 2020 година имаме нетипични податоци поради ковид-кризата и карантините. Тогаш има значаен пад на бројот на туристи, но сепак поголем број на ноќевања, од причина што македонските граѓани летуваа во Македонија. Таа година имавме и речиси трипати повеќе домашни од странски туристи.

    Во 2023 година, бројот на туристи се врати речиси на претпандемиските нивоа (1,16 милиони), при што странските туристи учествуваат со околу 63 насто од вкупниот број ноќевања.

    КРАТКИТЕ ГРАДСКИ ПАТУВАЊА (CITY BREAK) СЕ ВО ПОДЕМ

    Веќе подолго време насекаде во светот расте интересот за урбани средини, да се разгледаат главните градови, да се почувствува духот на народот… Главните градови се лицето на една држава, а туристите сè повеќе не се пасивни, туку ги интересира историјата, традицијата, гастрономијата. Тие сакаат да запознаат што поголемо парче од светот.

    Во Скопје сè почесто може да забележиме тури од странци како ги обиколуваат спомениците, одат во Старата чаршија, на Матка.

    Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека значајно се зголемува интересот за посета на Скопје. Ако во 2009 година имало 134.051 турист во Скопје, а 305.793 крај езерата, разликата денес е значително помала, па така во 2025 година имало 594.022 посетители на езера наспроти 437.132 во главниот град.

    ОД КАДЕ ДОАЃААТ ТУРИСТИТЕ?

    Државниот завод за статистика објави дека во август годинава имало 131.076 странски туристи, а најмногу (45.747) од Турција, 13.166 од Србија, 7.457 од Романија, 7.324 од Германија и 5.245 туристи од Полска.

    Анализата на податоците покажа дека повеќе туристи од странство почнуваат да доаѓаат од 2011 година, а нивниот број во шпицот на сезоната, во август, бил 40.130. И тогаш најмногу имало гости од Турција ‒ 4.692, од Србија – 4.562, но на трето место биле Холанѓаните – пристигнале 4.484 гости, на четврто место биле Грците со 4.251 гостин, а на петто се гостите од Бугарија, кои ги имало 1.506.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично