Марјан Ѓорчев за независен член во Надзорниот одбор на „Македонијатурист“ – е единствениот предлог на „Скопски пазар“. Најголемиот акционер во хотелско-угостителската компанија, во чија сопственост се 89.364 акции или 19,76 проценти. На последниот работен ден од неделава со своја листа од четворица кандидати излезе и „Чеза комерц“, откако претходно се појавија номинациите од „М.Г. Фешн“ и „Промедика“.
Освен со активностите во политичкиот живот на државата од нејзиното осамостојување, по кои е препознатлив во пошироката јавност, Ѓорчев има кариера која се движи по линијата – од виш стручен банкарски соработник до амбасадор. Се памети и како челник на скопската „Млекарница“, каде што првпат добил можност за извршување на директорска функција. Потоа, директорувал со трговското друштво „Братство-Единство“, со Агенција за приватизација и со сопственото претпријатие „Агро-Универзал”.
Во биографијата што на увид ја имаат и акционерите кои ќе се изјаснуваат по предлозите, се наведени работното искуство и поважните функции кои се дел од долгогодишната кариера на дипломираниот економист. Во CV-то на Ѓорчев е забележано дека како министер го предводел Министерството за земјоделство, како градоначалник ги организирал работите во Општина Кисела Вода и зад себе има четиригодишен пратенички и исто толкав мандат како амбасадор на Република Македонија во Бугарија.
Со „Македонијатурист“ нема никаква поврзаност, ниту поседува акции, ниту има заеми и обврски, пишува во приложената биографија на кандидатот за независен член на Надзорниот одбор на таа компанија. Ова е третата точка од дневниот ред на вонредното акционерско собрание закажано за 17 февруари.