ПОВЕЌЕ

    СЕПТЕМВРИ ЈА КРЕНА КОШНИЦАТА НА НОВ ГОДИШЕН РЕКОРД: За минимум живот 69.432 денари, со кирија речиси 85.000

    Време зa читање: 3 минути

    Не треба луксуз, ресторан секој викенд или егзотично патување за едно македонско семејство да потроши повеќе од 1.100 евра месечно. Доволни се храната, сметките, превозот, облеката, школувањето на децата и останатите основни потреби.

    Новата септемвриска пресметка на Сојузот на синдикатите на Македонија покажува дека минималната синдикална кошница достигна 69.432 денари, највисоко ниво од почетокот на 2026 година. За само еден месец семејната сметка е зголемена за 757 денари, или за околу 1,1 процент, бидејќи во август за истиот минимум биле потребни 68.675 денари.

    За тие што секој месец плаќаат и кирија за стан од 60 квадратни метри, математиката изгледа многу потешко – 84.807 денари месечно. Со други зборови, покрив над глава под кирија ја крева минималната семејна сметка за дополнителни 15.375 денари.

    Најголемата ставка и натаму е онаа од која не може да се избега – храната.

    Во септември за храна и пијалаци се потребни 25.259 денари, односно 36,4 проценти од целата минимална кошница. Тоа е повеќе од една третина од парите уште пред да се платат струја, вода, превоз, облека или други потреби.

    За облека и обувки се пресметани 6.799 денари, за домување, вода, електрична енергија и гас 6.379 денари, за транспорт 5.409 денари, а за комуникации 3.677 денари. Личната и домашната хигиена чинат 2.699 денари, здравствената заштита 1.196 денари, рекреацијата и културата 5.592 денари, а рестораните и хотелите 4.130 денари.

    Посебно внимание во септември привлекува ставката образование – 7.192 денари, односно повеќе од 115 евра месечно. Интересно е што овој износ е ист како и во август, па септемврискиот раст на вкупната кошница не доаѓа само од почетокот на учебната година. Во однос на август, повисоки се и пресметаните трошоци за храна, облека и обувки и транспорт.

    „Пари“ уште во јануари пишуваше дека храната го „изеде“ минималецот. Тогаш првата синдикална кошница за годинава изнесуваше 66.413 денари, а само за храна и пијалаци беа потребни 24.211 денари. Со кирија, јануарската пресметка достигнуваше 81.788 денари.

    Практично, од јануари до септември минималниот семеен буџет е зголемен за 3.019 денари, или за околу 4,5 проценти.

    Токму тука најјасно се гледа проблемот со кој домаќинствата се соочуваат и во периоди кога официјалната инфлација забавува. Ппониска инфлација не значи и враќање на цените назад – туку само дека поскапувањето се одвива со побавно темпо. Ценовното ниво што еднаш е достигнато останува во семејната сметка.

    Септемвриските бројки само ја потврдуваат таа разлика меѓу статистиката и паричникот. Во текот на летото кошницата три месеци се движеше благо надолу, но намалувањата се мереа во десетици или стотина денари. Само септемврискиот скок од 757 денари практично ги избриша тие мали олеснувања и ја однесе кошницата на нов годишен максимум.

    А зад бројката од 69.432 денари нема луксузна потрошувачка. Тоа е пресметка за минимумот што му е потребен на едно четиричлено семејство за секојдневието.

    За оние што плаќаат и кирија, тој „минимум“ веќе е многу блиску до 85.000 денари месечно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично