ПОВЕЌЕ

    Се гради спортска сала во ОУ „Братство“ во Карпош – инвестиција од 64 милиони денари

    Време зa читање: 2 минути

    Нова повеќенаменска спортска сала ќе добие основното училиште „Братство“ во општина Карпош, чија што изградба ќе чини 64 милиони денари. Салата зафаќа простор од 1.400 квадрати. Средствата за овој проект се обезбедени од Владата, преку повикот за финансирање на капитални проекти на општините, а камен темелникот го поставија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот Сотир Лукровски.

    Во моментот, низ општините се одвива реализација на 70-на инфраструктурни проекти во областа на образованието, нагласи министерката Јаневска. Дел од нив финансира Министерството за образование и наука, а дел Владата.

    „Еден од тие проекти е и оваа повеќенаменска спортска сала. Прилично голема, 1.400 квадратни метри со трибина со 400 седишта. Му честитам на општинското раководство, на учениците, наставниците и на жителите од оваа населба, затоа што за отприлика една година ќе добијат современ спортски објект кој освен училиштето, ќе може да се користи и за комерцијални цели – за официјални натпревари, тренинзи, спортско – културни манифестации и така натаму“, рече Јаневска.

    Исто така, таа информираше дека преку МОН во општина Карпош се прошируваат капацитетите на ОУ „Димо Хаџи Димов“ со доградување на 6 училници, а наскоро ќе започне и доградбата на 4 училници во ОУ „Петар Поп Арсов“, за да се овозможи едносменска настава.

    „Инфраструктурата, заедно со учебниците, наставните програми и мотивиран наставен кадар се основни предуслови за квалитетно образование“, истакна министерката Јаневска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично