ПОВЕЌЕ

    САВА ПЕНЗИСКО ДРУШТВО СО СВОЕТО ЧЛЕНСТВО ОБЕЗБЕДИ ПОМОШ ЗА Универзитетската клиника за детски болести – Скопје

    Време зa читање: 4 минути

    Успешно е завршена првата фаза од хуманитарната кампања „Ажурирај и донирај“

    Денес Сава пензиско друштво а.д Скопје ја предаде првата донација во рамки на хуманитарната кампања „Ажурирај и донирај“ во Универзитетската клиника за детски болести – Скопје. Донацијата се состои од инвертер клима уреди за доопремување на одделот за Цистична фиброза.

    Фондот на средства за донацијата е формиран со помош на членовите на пензиското друштво кои бесплатно, со избор за користење на електронски услуги за ажурирање на лични податоци и добивање на годишни известувања по електронски пат, овозможија да се пренаменат средства од Сава пензиско друштво за оние на кои им е потребна поддршка.

    По 6 месеци од почетокот на иницијативата и повеќе од 2000 ажурирања, Сава пензиско друштво неслучајно, токму денес, на Светскиот ден за ретки болести ја достави опремата што беше посочена како неопходна за клиниката во периодот што следи.

    „Среќен сум што имаме можност да го одбележиме овој ден на убав начин и да помогнеме во подигањето на свеста за дечињата кои се сочуваат со сериозен здравствен предизвик, а заедно со нив и нивните родители. Се надевам дека нашата поддршка ќе покрене уште многу хумани граѓани и компании да дадат свој придонес кон обезбедувањето на поквалитетна грижа за сите на коишто им е потребна.“ – изјави во оваа прилика Д-р Петар Талески, Претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

    Пензиското друштво ја промовира општествената одговорност како дел од својот процес за одржлив развој со континуирано пронаоѓање начини да помогне на заедницата онаму каде што е потребно. Оваа стратегија се фокусира првенствено на унапредување на универзалното здравје и благосостојба, што претставува и централна, глобална цел за одржлив развој (ООН СДГ).

    „За нас, хуманитарната кампања „Ажурирај и донирај“ се покажа како вистински начин истовремено да промовираме поефикасна употреба на дигиталните технологии со кои помагаме во заштитата на природните ресурси и да обезбедиме фонд за помош на луѓето во нашата заедница.

    Она што е исто така многу значајно за нас е дека идеите успешно ги реализираме со помош на нашите бројни членови со кои градиме заеднички цели и успеси, што придонесува кон чувството на припадност во една поголема заедница која сака да ги смени работите кон подобро. Токму затоа, во оваа прилика сакам да изразам посебна благодарност до нашето членство за соработката и хуманоста која ни овозможи денес да бидеме тука со конкретна помош за Клиниката за детски болести.“ – додаде Д-р Талески.

    Во оваа прилика до присутните се обрати и директорката на Универзитетската клиника за детски болести, Проф.д-р Стoјка Нацева-Фуштиќ.

    „Од името на целата наша клиника сакам да им се заблагодарам на Сава пензиско друштво, како и на нивното членство, што помогнаа да се оствари зацртаната цел, да се обезбедат подобри услови за децата во одделот за Цистична фиброза. Ние како лекари целосно се вложуваме во обезбедувањето на соодветна грижа и современа терапија за нашите пациенти, а ваквите хумани иницијативи ни даваат уште поголем елан, не само нам, туку и на нашите пациенти на кои надежта за подобро утре им е посебно важна.

    Ја поздравувам оваа кампања и се надевам дека ќе поттикне уште многу вакви хумани акции за помош на луѓето кои се во незавидна позиција од кој било аспект, а посебно на оние кои се соочуваат со ретки болести, на кои им го посветуваме овој ден на светско ниво.“ – истакна во својата изјава Проф.д-р Нацева-Фуштиќ.

    Од пензиското друштво додаваат дека хуманитарната кампања е дел од иницијативата „Срце за светот“ која ќе продолжи со активности и оваа година со цел да се обезбеди поддршка за други институции, друштва, здруженија на граѓани и секому на кого му е потребна поддршка.

    Им благодариме на сите членови кои ја прифатија оваа иницијатива и ги повикуваме и во иднина да не поддржуваат во ваквите хуманитарни акции, каде со нивна едноставна активност овозможија да се пренамени буџет од Сава пензиско друштво за подобрување на условите за тие на кои им е најпотребна.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)  (02) 3224 229, www.mapas.mk

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично