ПОВЕЌЕ

    РЕВИЗОРИТЕ ОТКРИВААТ КАКО ЛАНИ ПРОПАДНАА ПЛАНОВИТЕ ЗА „РЕМОНТ“ НА ПРАВОСУДСТВОТО: И кога има пари – нема реформи

    Време зa читање: 4 минути

    Минимални 20 проценти од планираните буџетски пари се искористени за реформи во правосудството. Конкретно, за предвидениот четиригодишен период (од 2017 до 2022), биле  обезбедени 366 милиони денари или шест милиони евра за реализација на 15 мерки. Но, од тој износ се потрошиле само 74 милиони денари, односно 1,2 милиони евра, констатираа државните ревизори врз база на извршената ревизија на успешност на тема „Ефективност на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 и спроведување на Акцискиот план на Стратегијата. Целта на извршената ревизија била да се даде одговор на прашањето: „Дали мерките и активностите дефинирани во Акцискиот план придонесуваат за  остварување на целите од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 година?“

    Или, од зацртаните 130 реформски мерки целосно се реализирале 52 отсто, делумно 34, додека 14 проценти од нив воопшто и не биле третирани. Ревизорското мислење е дека ова се должи на несоодветното дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни и мерливи индикатори, нереални рокови, проценети извори за финансирање, недоволна координација на институциите и надлежните тела во поглед на остварување на зацртаните цели. Нискиот  степен на реализација на планираните средства се должи на нереализирање на предвидените средства за Изградба на нови просторни услови, што претставува 40% од предвидените средства, како и неискористеност во целост на средствата предвидени со мерката предвидена за Јавно обвинителство на РМ за просторно уредување и одвоеност на ЈО од судовите, каде се планирани повеќе средства од потребните за 15 %, се вели во соопштението на Државниот Завод за ревизија.

    Ревизијата покажа дека за изградба на просторните услови не е искористен ниту еден единствен денар од буџетските средства, а истото важи и за парите предвидени за вработувања, реорганизации на судовите, за зајакнување на капацитетите за буџетско планирање, како и за медиумски кампањеи и ипспитувања на јавното мислење. Не се забележани никакви расходи ниту за склучување меморандуми со Комората на извршители, Агенција за супервизија на осигурувањето и Стопанските комори, како и зајакнување на капацитетите за буџетско планирање. Од задачите што требало да се извршат и за кои биле издвоени буџетски средства, не се изградени ниту нови простории, не е обезбеден простор за судници и канцеларии во Управниот суд, нема ни опрема…

    Притоа, освен пари од државната каса, за целосна имплементација на Стратегијата обезбедени се средства од ИПА и друга странска помош – донирани сеоколу 7,5 милиони евра, без оглед на тоа што нема конечна пресметка за тоа колкав износ е навистина потребен за реализација на утврдените мерки.

    Инаку, предвидени се 72 мерки за постигнување независност, непристрасност, одговорност, транспарентност, пристап до правда, бесплатна правна помош, адвокатура, извршување, медијација и нотаријат. Од нив 40 се целосно заокружени, а дел чекаат заглавени во собраниските лавиринти, односно ревизорите утврдиле дека се донесени само половината од планираните закони и законски измени.

    Во однос на следење и известување за спроведување на активностите за исполнување на целите од Стратегијата, ревизорите констатираа пропусти во функционирањето на надлежното тело Совет за следење на имплементација на Стратегијата, како и во нејзиното работење без утврдена Методологија за следење и евалуација на резултатите од спроведените мерки и активности, со цел оценување мерење на степенот на остварените и постигнатите цели.

    Со спроведената ревизија се стекна разумно уверување дека мерките и активностите дефинирани во Акцискиот план делумно придонесуваат за остварување на целите од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година.

    Со други зборови, и кога има пари, нема реформи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично